Зошто пратеникот Мухамед Зекири поднесе оставка и дали тој ќе биде избран за нов директор на Фондот за здравствено осигурнување на конкурсот кој допрва треба да биде распишан? Ваквите прашања се наметнуваат помеѓу скопјани по вчерашната оставка на Зекири на пратеничката функција и се погласните кулоарски зборувања во политичките кругови. Исходот на конкурсот за директор на ФЗО, институција која има огромен финасиски буџет и со која Зекири до сега немал никаква доприна точка освен како граѓанин кој се лекувал како и сите други, тоа ќе го покаже.
Доколку навистина се случи Зекири да биде избран за првиот човек на ФЗО тогаш оние кои тврделе дека оставката е дадена за да може да конкурира ќе излезат во право. Но, тогаш и се поставува прашањето: која е смисла на конкурсите за раководни функции во државни институции, агенции, фондови и слично ако однапред се знае кој ќе биде избран!? Смислата на конкурсите е да се обезбеди конкуренција на најдобрите кандидати и да се избере оној кој ќе понуди најдобра визија за работа. Вака, се доаѓа во ситуација се однапред да е решено, како што беше во поранешниот систем.
Исто како што се поставува прашањето која е смисла на постоењето на Управните одбори во кои државата има мнозинство членови кога Владата „препорачува“ кој кандидат да биде избран!? Од последните владини седници имаше неколку такви препораки за избор на раководители – во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и други. Ако таквата „пропорака“ треба да биде прифатена, која е смисла на постоењето на Управни или Надзорни одбори? Да нивните членови само кренат рака за амин на таквата одлука и да земат месечен паушал?