Ново вандалско уништување на јавни објекти се случи деновиве во скопската населба Ново Лисиче. Се уште непознати сторители вандалски ја уништија фонтаната „Печурка“ која токму деновиве е во фаза на реконструкција.
-Непознати сторители ги искршиле новозалепените мозаични плочки на фонтаната и нанеле штета во висина од 33 000 денари, а случајот веднаш е пријавен в полиција, информира општина Аеродром која го осуди вандалскиот чин и апелира до граѓаните да не ги оштетуваат јавните површини.
Освен апел, општината треба да е понастојчива и со своите служби да го штити имотот на општината. Време е и да се фати некој насилник, па освен казна и да каже какви печурки јадел штом му дошло да ја крши фонтаната „печурка“ или други јавни добра.
Секако, граѓаните треба и самите да се поодговорни и да не го уништуваат јавниот простор.