Какво писмо ќе испратат Пендаровски и Ковачевски до СПЦ?

Повторно се разбрануваа состојбите околу МПЦ. Јавноста во Македонија се уште чека да дознае што се се наоѓа зад вчерашната одлука на Српската православна црква да воспостави канонско единство со „автономна“ Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Македонските владици и денеска претпладне го продолжија вчерашниот молк. Дали имало некакво писмо од нивна страна каде прифатиле да се вратат во положбата каква што ја имале во 1959 година и што се планира понатаму околу преговорите со СПЦ?

Искуствата што македонските граѓани ги имаат со преговарањето и со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија се доволно предупредувачки. Односно, јавноста треба да ги знае најважните работи пред тие да бидат потпишани, а не да се стават пред свршен чин.

Ќе молчат ли и првите луѓе во државата – претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски? Да, факт е дека Македонија е секуларна држава и политиката не треба да се меша во религијата, ама да се потсетиме: кога Вселенската патријаршија на 9 мај ја призна македонската црква како канонска, во јавноста излезе на виделина дека во јануари годинава премиерот Ковачевски му испратил писмо на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Во писмото, покрај другото, тој го замолил и за решавање на нашето црковно прашање. Порано, слично пишуваше и Пендаровски.

Сега ќе испратат ли писмо до СПЦ и каква ќе биде содржината во него?

Инаку, за потсетување: Шефот на државата Пендаровски пред неколку дена имаше средба токму со поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот г.г. Стефан, кој го информирал за  наредните чекори во процесот на целосно заокружување на автокефалноста на МПЦ-ОА. Тие се согласиле дека тоа е од врвен национален интерес.

Претходна вестОпштина Центар организира нега на повозрасни жители во домашни услови
Следна вест„Не молчи, пријави!“ – Градски паркинг со кампања ќе открива неправилности во работењето