Какво време дојде, да ти е страв кога на празник ќе запеат

Заборавени цели строфи, стихови, исфрлени имиња.., и тоа во најсвечените моменти кога се изведува државната химна, кога се пеат значајни револуционерни песни. Тоа е појава која зачести на прославите на значајни настани во Македонија. Зошто е тоа така, случајно ли е или…?

Последен таков пример го имавме во понеделникот вечер кога за време на отворањето на прославата за Илинден во Крушево, хорот на МОБ при изведбата на песната „Во борба, во борба“, ја заборави строфата каде што се споменува Гоце Делчев и „фашистичка крв се лее”. Песната претставува спој на борбата на Илинденците од 1903 година и на партизаните од НОБ кои се борат додека над главите знамето на Гоце се вее. 

За жал, случајот не беше осамен. Претходно, пред три години, слична работа направи и пејачката Тамара Тодевска кога на приемот во Амбасадата на САД во Скопје по повод 4 Јули, Денот на независноста таа испеа своја скратена верзија на македонската химна. Тогаш, Тодевска испушти да го испее делот со „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ по „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република!“…

Пеачката Нина Јанева, пак, во мај 2021 година на протестот пред Влада за ослободување на осудените за упадот во македонското Собрание на 27 април, ја изведе македонската химна, но и таа како Тамара, заборави да ја испее втората строфа: „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“…

По ваквите недозволиви пропусти следуваа оправдувања, извинувања… Поп пејачката Елена Петреска која е дел од МОБ појасни дека аранжманот на песната „Во борба, во борба“ бил направен пред повеќе од десет години, и никој со сила не можел да ги натера хористите да менуваат текст или да пеат поради нечиј интерес. Тамара Тодевска тогаш се извинуваше дека била „понесена од емоции и еуфоријата“, се извини и Нина Јанева која, исто така, рече дека била понесена од емоции и дека од 1.000 пати пеење на химната, ова и е прв и последен пат да ја погреши…“.

Останува прашањето како тоа емоциите и еуфоријата не ги понесува уметниците пеењето да им биде ефективно, моќно и точно. Па нели се врвни изведувачи?

Врвните изведувачи се, пред се, сериозни луѓе кои не дозволуваат да се будат сомнежи дали навистина случајно се испуштаат стихови од дела кои се важни за Македонија или има тука и цензура, обиди да се менува историјата…

Какво време дојде, да ти е страв кога на празник ќе запеат.

Претходна вестПотпишан Темелниот договор меѓу Владата на Црна Гора и СПЦ
Следна вестСе распадна долниот дел од споменикот на Славко Јаневски, ќе се чека ли да се урне?