Капитациониот бод за матичните лекари и гинеколози се покачи на 75 денари, за стоматолозите на 61 денар

Зголемен е износот на капитациониот бод за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, соопшти денеска Фондот за здравствено осигурување. Одлуката е донесена по разговорите и преговорите со Лекарската комора на РСМ и Стоматолошката комора на РСМ, а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните лекари и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица. Матичните лекари во земјава досега неколку пати протестираа барајќи зголемување на вредноста на капитацијата, но и други промени во својот статус.

-На последната  седница на Управниот одбор, одржана на 26 декември 2022 година,  донесе одлука, од први јануари 2023 година да ја зголеми  вредноста на капитациониот бод за избраните лекари по општа медицина и гинекологија од 63,00  на 75,00 денари. За избраните лекари стоматолози капитациониот бод  се зголемува  од 48,00 на 61 денари, по прикрепено осигурено лице. Зголемувањето на капитациониот бод има за цел да поттикне пружање  повеќе здравствени услуги на примарно ниво, а со тоа намалување на бројот на упатувања на повисоко ниво на здравствена заштита, како и да поттикне и обезбеди подобрување на превенцијата со навремено откривање, спречување и сузбивање на незаразни заболувања кај населението во нашата држава, соопшти Фондот.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија, вели дека се задоволни и со добиеното покачување.

-Не го добивме покачувањето што ни го ветуваа, но сепак среќни сме што успеавме да направиме некакво поместување. Секое покачување е за поздравување. Ќе ни помогне да затвориме некои долгови, изјави таа.

Претходна вестТетовчани со протест за поддршка на обвинетиот лекар Бобан Вучевски
Следна вестИнцидент во Скопје, пукал со пиштол во роднина