Kазината и обложувалниците да бидат три километри надвор од градовите

Џемал АБДИУ, од Движењето „Анти коцкање“ го прашуваме за нивните ставови во однос на донесувањето на промените на Законот за игри на среќа и одредувањето на оддалеченоста на обложувалници и казина од училишта, факултети…, а за кои наскоро ќе се изјаснуваат и пратениците во Собранието.

Кои се Вашите конкретни ставови кога се работи за лоцирањето на вакви објекти по градовите?

-Бараме казината и обложувалниците да бидат одалечени три километри надвор од населените места, да се одвојува пет отсто од буџетот од игрите на среќа за реновирање на објекти од јавен интерес и да се направи нацинална стратегија за едукација околу опасностите кои гри предизвикува коцкањето. Тоа се реално остварливи барања кои нема да предизвикаат нивно затворање туку само дислокација. Ова е и еден компромис од наша страна. На први средби кои ги имавме во Владата ни беше ветено дека ќе се следат законските решенија во регионот. Во тој период ниту Албанија ниту Косово уште не ги беа донеле законите со кои ги затворија 4.330 казина и обложувалници. Тоа се случи. Во Грција, пак, имате само три казина. Значи, ние останавме црна дупка во регионот во тој поглед. Сега ни доаѓаат граѓани од Косово и од Албанија тука да се коцкаат, од тие земји ни се доселуваат фирмите за коцкање. Значи, работите одат на полошо и тоа треба да се запре.

Првичниот предлог на Владата беше таквите објекти да бидат одалечени 300, а сега е да бидат далеку 500 метри од школите, факултетите, верските објекти. Може ли овој предлог да биде прифатлив од ваша страна?

-Не, во никој случај, такво законско решение нема никако да не задоволи. Тоа не е решение. Ние не бараме нешто што е невозможно. Нашиот предлог подразбира околу градот да може да се формираат „зелени зони“ во кои што би биле лоцирани казината и обложувалници. Тие само треба да се дислоцираат таму и оние граѓани кои сакаат да одат во нив ќе си одат. Тоа е реално оставарливо и тоа е еден компромис во однос на нашите барања и опцијата да бидат целосно затворени. Сега добивме и поддршка од 52 познати и влијателни личности за нашите ставови вакви објекти да бидат надвор од градовите.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници изјавуваат дека со нивното работење многу се полни државнот буџет, дека нема докази дека близината влијае врз децата…

-За жал, тие зборуваат само од нивен интерес. Има безброј примери како нивниот бизнис е штетен за граѓаните. Има многу примери на упропастени имоти на цели семејства, кражби на илјадници евра од домовите на граѓаните од страна на членови на нивните семејства…

Сега ќе почне и да ни влегува сомнителен капитал од странство за оваа цел. Сето тоа треба да не загрижи и да немаме дилеми околу тоа дали треба да се донесе вакво законско решение.