МВР пред два дена се пофали со соопштение дека казнила пратеник поради тоа што додека возел зборувал по мобилен телефон. Поентата им е дека законот сега важи за сите и дека се казнуваат и пратениците. Но каква е поентата што граѓаните преку социјалните мрежи и ја пратија на полицијата?
-И ова е вест? Треба да е најнормално! Што, тие да не се над законот? Казна за секој кој прекршил законот, а не за овој да а за овој не…, напиша во својот коментар граѓанин потпишан како Марјан.
-Не само пратениците и министррите и директорите се чести прекршувачи на сообраќајните правила, чекам да видам дали ќе казните редовно или само еднаш колку за пропаганда, коментира Влатко.
Значи, граѓаните очекуваат ваквиот однос на продолжи и натаму: да се санкционираат сите прекршители. Односно, да се казнуваат посебно оние функционери кои и во сообраќајот си дозволуваат да ги прекршуваат прописите или да користат позиција да одбегнуваат да бидат казнети. Примери со кои полицијата казнува еден функционер, а потоа сето тоа замира како акција имавме многу до сега.
Кога ќе се има неселективност на полицијата, кога во тоа ќе се уверат и граѓаните, тогаш сигурно ќе се намали и бројот на сообраќајните прекршоци кои си ги дозволуваат брутално возење со кое ги загрозуваат и другите лица. Тогаш, сигурно, ќе има и помалку снимки на дивјачко возење по тротоари, по велосипедски патеки, на патиштата со брзина и од 225 километри на час, а кои ги гледаме како ги објавуваат разулавените возачи на „Ток Ток“ и на другите социјални мрежи.