Ќе бидат ли електронските учебници нова избрзана промена без да се слушнат забелешките?

Од што ќе учат децата во училиштата следната година? Ова прашање се наметнува откако се виде дека министерката за образование Мила Царовска често ги менува ставовите во последниве денови.

Прво беше дека сите ученици од четврто до деветто одделение и средношколците од септември ќе учат од електронски учебници. Потоа беше дека ќе учат од електронски учебници единствено учениците во 4-то одделение. И сега е дојдено до таму да се кажува дека секој ќе може да избере на кој начин ќе учи, од печатени или дигитални учебници. Ќе има ли уште измени на ставот на министерството или не? И гога ќе го фирмулира и каже конечното решение.

До тогаш, голем број на родители, наставници и здруженија негодуваат на најновите идеи и настојувања на министерката.

Избрзаност, лоши здравствени последици, недостапност за ученици од сиромашни семејства, потреба претходно да се изврши анализа за потребноста… сето ова се реакции на најавата дека од следна учебна година ќе се воведуваат електронски учебници. Многумина се прашуваат дали воопшто е можно технички да се изведе замислата. Проблеми и неприфаќања очигледно ќе има. Денеска реагираше организација на учениците од средните училишта „Средношколски глас“.

-Сметаме дека одлуката за воведување на електронски учебници е лоша најпрво од здравствен аспект, свесни сме сите, а и докажано е дека долгорочно седење пред компјутерските екрани е штетно. Другиот битен аспект е што постојат голем број на училишта без основни услови за настава и со самото тоа голем број училишта не се опремени со компјутери за да би функционирало тоа.Потребни се нови реформи во образованието да, но ова е далеку од некаква реформа, потенцираат од оваа организација на средношколците.

Министерката за образование Мила Царевска и нејзиното Министерство за образование и досега добиваа голем број на критики за новата концепција за промени во основното образование, за избрзаност, за спојување на повеќе предмети во еден, за првичната намера да се укина посебен предмет Историја… Реакции на граѓаните и на наставниците и сега не изостануваат.

-Категорично се спротивставувам на вакво електронско школство. Прво, затоа што ако ги ограничуваме од електронски уреди како мобилни, таблети компјутери, сега им велиме ок е и седи за “учење”… Второ, пропаѓаат во вода сите книги учебници, целиот труд околу нив што подразбира следен чекор затварање на библиотеки, и како трето, можеби најважно, сите немаат можност за електронски уред од материјални причини. На долг рок создаваме неписмени генерации полни со фрустрации, вели граѓанката Павлина Трифуновска за „Скопско ехо“.

Слично размислува и граѓанката Маја Кечовска.

-Мислам дека Министерството носи брзи одлуки. Децата едвај ги тргаме од телефони, се оболеа со очите, секое второ дете носи наочари. Друго, немаат сите електронски апарати за настава. Не е само тоа како да се копира, има и други трошоци. Со еден збор идеата не е добра, потенцира таа.

И граѓанката Анкица Трпковска ни рече дека се работи за лоша идеја која треба да се отфрли бидејќи не е здраво децата по цел ден да седат пред компјутери а многу реодители не можат да ги обезбедат на децата.

На забелешките на родителите дека децата ќе имаат здравствени проблеми и дека многу време ќе поминуваат врз електронски уреди министерката Царовска вчера одговори дека „тие и сега поминуваат непродуктивно време на социјалните мрежи и видеоигри на ИТ-уредите, без едукативни содржини и можности за истражување“.

Наставниците бараат на сето ова да преходи и анализа.

-Лично, не гледам нешто погрешно во идејата дека треба да постојат и електронски верзии на учебниците, но, прашањето е дали тоа треба да се спроведе преку ваков, би рекол изненаден пресврт на досегашната пракса и на ваков начин, повторно без сериозно истражување и без сериозна консултација со соодветните стручњаци во однос на прашањево од страна на научно – образовната фела? Повторно јавноста не доби сериозно објаснување, дали ова е извршено по претходни истражувања во однос на тоа колку ние во Македонија имаме услови за ваков пристап и дали некој би гарантирал дека преку овој начин не би можело лесно да се менува содржината ,,по потреба” на одредени учебници а некои можеби и целосно да се укинат по брза постапка, како што бевме сведоци пред извесно време со еден учебник по географија?, смета Борче Милошески, професор по историја во скопската гимназија „Никола Карев“.

Очигледно, намерата на министерката и на МОН предизвика многу отпори. Ќе се извлече поука или ќе се тера по свое како и во случај со многуте забелешки околу реформата во основното образование?

Претходна вестСудството до крај на годинава ќе влезе во 21 век
Следна вестОд утре и сметководителите на протест