Ќе бидат ли задоволни учесниците на „Маршот за чист воздух“ од најавите на Владата?

Седумте првични барања на „Маршот за чист воздух“ се прифатени од страна на Владата. Toa беше главен услов од граѓаните кои протестираа минатиот петок за натамошни средби со инистрите за решавање на проблемот со загадувањето.

Владата денеска соопшти дека сите барања ќе се исполнат и наведе во која фаза е исполнувањето на секое од нив. Така, се наведува дека најдоцна до крајот на 2019 година ќе биде донесен ДУП за поранешната депонија „Вардариште“ кој сега се усогласува меѓу општина Гази Баба, Градот Скопје и Министерството за транспорт. Владата на располагање ги става сите доказни материјали прибрани од институциите врзано за ОХИС и за палењето на кабли во градот, што треба да го истражува Јавното обвинитлество.

-Ќе се узвојат и измените во Законот за животна средина врзани за идентификација на контаминирани подрачја и за управувањето со нив, се потенцира во владиното соопштение.

Останува да се види дали обединетите граѓански здруженија ќе бидат задоволни од владиниот одговор или ќе бараат исполнување и на други работо пред да се сретнат.

Инаку да потсетиме, минатата недела голем број пред се млади луѓе го предводеа протестот кој се движеше од Министерството за животна средина до Владата. На транспарентите кои ги носеа можеше да се видат натписите: Одлуки носете веднаш; Ние умираме заради вашиот профит…