Ќе биде ли Македонија прва држава без кабелски телевизии?

Колумна на Никола Тасев:

Eдни од ретките позитивни работи што зрачеа во корона кризата беа мноштвото на телевизиски програми и интернетoт. Седевме со месеци затворени, многу работи ни беа ускратени, но кабелските оператори направија се за да го ублажат тој тежок период. Интернетот и телевизијата функционираа нормално. Но, за цело време демнеше опасноста, гледачите да бидат ускратени и за странските канали на кабелските телевизии, заради набрзинка направените измени на Законот за медиуми во делот на регистрација на ТВ програмите.

Зошто на ова потсетувам? Па, проблемот, што властите сами го направија, не е решен, само е ставен под тепих до ноември. Црниот екран со само неколку македонски телевизии се уште демне и може да се всели во македонските домови.

Претходниот парламентарен состав, на денот кога се распушташе му остави „честитка” на сегашниот, со шверцерски донесените измени на Законот за медиумски услуги. Тотално неуставно, правно неодржливо и во пракса непримеливо решение, според кое кабелските оператори треба кривично да одговараат доколку некој од странските канали ги нема стопроцентно регулирано правата за Македонија. Тоа решение се уште е на сила, иако со Уредба од техничката влада е пролонгирана примената од ноември. Но, еве каде е ноември, а решение на проблемот нема се уште.

Изборите поминаа, новата Влада мора да почне да ги решава заостанатите проблеми, а овој е еден од приоритетните. Особено што е создаден од владини функционери – министри кои преку „газењето” на кабелските оператори сакаа да им се додворуваат на некои македонски ТВ канали и да ја придобиваат нивната наклонетост пред изборите.  

Новата влада гледаме тргна одлучно против дивоградбите, па нека се сврти веќе утре и кон овој спорен закон бидејќи и тој е дивоградба, изградена од приучени „мајстори“.

Овој проблем мора час поскоро да се реши и да се затвори со одржливо, уставно и применливо решение. Затоа што тоа е интерес на граѓаните кои имаат право да бираат што ќе следат на своите ТВ приемници.  Затоа што тоа е интерес и на државата – „кабелџиите” и тоа како го полнат државниот буџет, а доколку со неуставни законски решенија им се ограничи бизнисот, Македонија ем ќе биде прва држава во Европа без кабелски телевизии, ем ќе страда државната каса. И на крајот, затоа што мора да се постапува законски и демократски!

А што предвидуваат спорните измени во „калемениот“ закон?

Прво, секој странски канал за да добие регистрација во Македонија мора да приложи изјава заверена на нотар од овластеното лице на тој канал дека ги има регулирано сите права. Ова правно не е спорно, колку што не е изводливо практично. Замислите директорот на Еуроспорт или на ХБО треба да оди на нотар за секој македонски оператор со којшто ќе склучи договор и да завери изјава. А ќе оди ли 50 пати во годината на нотар затоа што така му текнало на нашиот законодавец, или само ќе каже: нема потреба да се реемитуваме во Македонија?

Второ, правно спорно е што таква изјава на нотар треба да потпише и овластеното лице на операторот, односно да гарантира дека некој странски канал ги има сите права за Македонија или кривично ќе одговара. Во кривичниот закон јасно е утврдена кривичната одговорност, која е лична и непренослива. Не постои солидарна одговорност, колективна или поделена одговорност. Парламентот на предлог на тогашниот министер Дамјан Манчевски ја прифати оваа неуставна одредба и ја стави целата држава како заложник: кабелските оператори да размислуваат да го затворат бизнисот, регулаторната агенција да се мачи да наоѓа решенија, техничката влада да си игра со Уредби „пиши-бриши”, Уставниот суд да е под притисок, а граѓаните да стравуваат дека ќе се вратат 40 години назад во времето и ќе можат да гледаат само 2-3 домашни канали.

Претходната влада го купуваше пријателството со неколку домашни телевизии и креираше проблем, сегашната има обврска тоа да го исправи! Во спротивно црниот екран ќе се всели на нашите телевизори!

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Бислимовски е инсталацијата на СДСМ преку која се покачува цената на струјата
Следна вестФилипче: Хронично болните до 23 септември ќе може да одат по потврди дека не може да се вратат на работа