Ќе добие ли плоштадот „Македонија“ датум за финиш на градбите или ќе чека како и Македонија за ЕУ?

Центарот на градот е запоставен

Колку години се потребни конечно целосно да се заврши централниот скопски плоштад „Македонија“? Три, пет, десет, дваесет или многу повеќе? Всушност, како што тргнала работата, вистинското прашање е дали главното градско средиште воопшто е во планот да се доправи. Незавршените градби и градилишта и понатаму на најгрд начин не потсетуваат колку некому не му е грижа како ќе изгледа главниот градски плоштад. Таа грда слика ја збогатува и неуредувањето НА околината, не се средуваат „новите“ плочки кои се расклимани, не се чисти доволно па околу тарабите се среќаваат и фекалии, неколку дрвја почнаа да се сушат, се тргаат и клупи за седење…

Така беше и лани, така беше и во претходните три – четири години. Во која нормална светска метропола би се дозволило вакво нешто во самиот центар? И тоа во ситуација кога во градот доаѓаат се повеќе туристи. Каква слика тие ќе однесат од градот не е тешко да се претпостави. Но, пред се, лошата состојба на главниот градски плоштад им пречи на многумина скопјани.

-Нема никакви оправдувања за ваквиот изглед на плоштадот. Градоначалникот мораше до сега да изнајде решение градбите да се завршат. Може ли нешто недовршено и грдо да стои на плоштадите во Лондон или Москва? Треба да се санкционираат и тие што порано дозволиле комотен договор со инвеститор кој сега го користи тоа па одолговлекува со градбата, ни прокоментира скопјанецот Иван кого го сретнавме на плоштадот.

Друг скопјанец пак, и не оди веќе така често како порано на плоштадот.

-Ретко одам на плоштад. А и зошто би одел? Незавршените објекти изгледаат како во воена зона во Авганистан. Воопшто не делува убаво тоа што ги оставија такви. Зарем нема да се заврши ова, резигнирано ни вели скопјанецот Здравко Јаневски

За да се види колку е во право овој скопјанец доволно беше да се направи една најобична прошетка на плоштадот по кој секојдневно поминуваат илјадници граѓани. Без оглед од кој правец се доаѓа на него, дали од правецот на плоштадот „Пела“, од Камениот мост, од правецот на улицата „Орце Николов“ недоправените градилишта се прво што се среќава заедно со нивните лимени и искривени тараби-огради. Грдо е и ако влегуваш на плоштадот поминувајќи покрај огромниот бетонски постамент наменет за споменикот на Мајка Тереза. Опкружен со скелиња, со искинати завеси, ламарини на кои се испишани чкртаници е „декор“ за главниот скопски плоштад…

 Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО