Ќе формирам служба „Зеленогардејци“

Студентот на Правниот факултет и музички уметник, Магдалена Петровска, oдговара на прашањето – кои три работи ќе ги направи ако таа е градоначалник на општина Центар…

1.Казни за оние што го фрлаат отпадот

Кога сите граѓани би биле совесни и би го фрлале, рециклирале отпадот на одобрените места, Скопје би бил Љубљана. И покрај напорите да се одржи градот чист, да продолжи да се вложува – да се постават поголем број канти за отпадоци на растојание од 500 м, да се формира служба „Зеленогардејци“, задолжена за казнување на лицата кои го фрлаат отпадот на несоодветно место, која ќе дејствува во и вон градот. За оние лица, кои го сортираат и рециклираат отпадот да следуваат значки и беџови за „Најсовесни скопјани“, а доколку овој начин  на решавање на проблемот функционира успешно, ќе следуваат дополнителни награди за совесните.

2.Јавни институции отворени за надарени млади

Постојат толку многу талентирани поединци кои ги чекаат своите пет минути пред светот, па треба да им пружиме рака да се искажат. Нека се организираат ликовни изложби, фестивали и свирки, работилници, саеми, едукативни катчиња во рамките на јавните институции, како што се музеите, домовите за култура, училиштата, театрите, фоајеа, празните простори кои се под општинска управа, а пропаѓаат, стоејќи празни. Институциите, кои се согласиле да учествуваат во овој проект, како надомест би добиле одредена сума на парични средства од општината, како дел од склучениот договор, без притоа да го попречуваат организирањето на младинските настани во нивниот простор. Доколку не се испочитува договорот, институцијата би била санкционирана.

3. Побрз превоз

За големото аерозагадување на главниот град и посебно на општината допринесува и густиот сообраќај. Како би било сите директори, службеници, па и граѓани да се возат низ град со трамвај наместо со автобуси или сопствени автомобили? Тоа би било поефикасно, поекономично и поестетски за градот. Јавниот трамвајски превоз би функционирал на истиот принцип на ЈСП – со картички, кои би чинеле околу 150-200 денари, со рок од година и пол.