Ќе го гланцаат центарот: Папата нека ни доаѓа на три месеци

Скопје се подготвува за папата Франциск. Откако неодамна беа заварени шахтите на главниот градски плоштад сега се дознава дека ќе се дотерува и околината на спомен-куќата на Мајка Тереза. Таму ќе се заменат искршените бекатон плочки по кои ќе се движел поглаварот на Католичката црква, а ќе се покријат или заменат и грдите лимови со кои е ограден просторот во кој веќе со години се гради црквата „Св. Константин и Елена“.
Тоа се истите оние бекатон плочки по кои секојдневно се сопнуваат скопјани и истите оние грди тараби кои секој ден се пред очите на нашите сограѓани. Но, ете, требало да дојде папата Франциск за да некој од надлежните почувствува дека е срам некој да може да се сопне и повреди од искршените плочки или да ги гледа искривени тараби на недоправената црква.
Како што тргнало, акцијата за уредување на овој дел од градот по кој ќе се движи светиот отец ќе продолжи. Веројатно некој ќе види дека пред споменикот на Мајка Тереза има цел еден киоск кој освен што не работи го нагрдува и самиот споменик па ќе побара да се дислоцира. Потоа, ќе се види дека и цела улица „Македонија“ е со искршените и изместените плочки кои треба да се сменат. Па така, да се надеваме дека ова светнување на патеките по кои ќе се движи папата ќе продолжи и пошироко. Односно, ово вонредно дотерување да биде што пошироко по градот и со него да добиеме уредно место за живеење на неговите граѓани. Да се уреди сето она што со години го чекаат скопјаните апелирајќи залудно до надлежните. Човек просто да посака папата да доаѓа на секои три месеци…