Ќе го направам градот да ни биде пријател

Познатата дизајнерка и професор на УКИМ Лидија Георгиева одговара на прашањето, кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Скопје

1.Колективна одговорност за животна средина
Градот итно мора да се исчисти и да се создаде колективна одговорност за животната средина, односно да се создаде заедничка и континуирана акција на инситуциите и граѓаните. За да биде ова одржливо, мора де се креира сензибилизација или, едноставно кажано, љубов и грижа кон просторот што не опкружува. Не постои мал гест кој не може да биде значаен ако сме 750.000 жители и делуваме на ист начин кон чистиот воздух и вода, но и со почит кон улицата, кога ќе излеземе од дома, со отпадот што секојдневно го фрламе.

2.Цветање на економијата и дишење на културата
Се повеќе научни истражувања покажуваат дека чистата и пријатна околина има директен импакт врз човековото здравје. Кога расположението е на високо ниво и економијата може да заживее. Можеби звучам наивно кога зборувам за економија, но равенката е многу едноставна, не? Па во таа состојба, веќе можеме да зборуваме за културата, како неопходен сегмент од човековото живеење и потребата од духовна надградба. Кога мислам на култура, мислам на иднината, но мислам и на минатото, на нашето културно наследство за чијашто презервација алармот е вклучен одамна.

3.Дизајнирање на градот
Во убавата земја со убави соништа, каде што цветаат културата, економијата и здравјето на граѓаните, би продолжила со убавата трета фаза – мојот сектор! Дизајнирање на градот би значело секој метар, секој агол, секој излог или зграда да бидат пријателски настроени кон корисникот. Сакам градот да ми биде пријател, сакам да биде паметен, да разговара со мене, да одговара на моите кориснички потреби исто како оператор на мобилна телефонија, да биде љубезен, пријатен но и зелен.