Ќе го поправам и активирам мостот кај Горно Лисиче

Професионалниот возач Дамир Ујкановиќ одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на општина Гази Баба:

1.Реконструкција на мостот

Малку граѓани знаат за мостот кај Горно Лисиче, каде завршува велосипедската патека на кејот на Вардар, а уште помалку знаат колку тој е неискористен за автомобилскиот сообраќај. На него има и пруга по која сообраќаат возови, но автомобилите не можат, бидејќи мостот е оштетен и второ, нема пристапни улици до него. Јас веднаш би се ангажирал да се направат пристапните улици и да се извршат неопходните поправки и реконструкција. Со тоа ќе се добие патна врска која ќе можат да ја користат граѓаните од Горно Лиисиче, но и од Пинтија, Маџари, Хиподром и Трубарево. Не треба да се зборува колку тоа ќе им го олесни движењето и врските со сообраќајниците на подрачјето на Гази Баба.

2. Излез од надвозникот во Маџари

Големи проблеми за возачите на подрачјето на нашата општина создава и тоа што надвозникот во Маџари, кој се наоѓа карши стадионот „Борис Трајковски“ нема излез на автопат. Правењето излез од надвозникот не е комплициран проект и јас би пристапил кон неговото реализирање. Со тоа возачите веќе не би морале да кружат за да излезат на автопатот туку би имале директна врска. Тоа би продонело за побрзо одвивање на сообраќајот на овој дел од градот.

3. Опција и за право на надвозникот кај Синѓелиќ

Кога влегувате во Скопје од источна страна и кога возите по автопатот за да се вклучите на надвозникот за кај Синѓелиќ, вие вртите лево со вашето возило. Потоа возите преку надвозникот и како што ве води патот на право се појавува крстосница каде што имате опција да се движите само лево или десно.

Проблемот е на таа крстосница може да се реши со сечење право и да се направи улица која ќе ќе испадне на улицата кај „Фершпед“ и ќе се поврзе со улицата за кај „Скопска пивара“. И ова ќе помогне за побрзо движење на возилата во овој дел кој е мошне оптоварен.