Ќе има ли блех музика за 2-та километри асфалт на автопатот Скопје – Блаце?

„Фамфари за два километри пат“ , „Не ни ја навредувајте интелегенцијата, два километри пат треба мижеечки да ги завршите и да молчите…„ ова се само дел од коментарите на Твитер заедницата откако некои од интернет порталите објавија дека денеска во Владата, ќе се потпишел договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце.

Договорот ќе го потпишеле директорот на ЈП за Државни патишта Зоран Китанов и генералниот директор на А.Д. „Гранит“, Зоран Милковски. И не само ова, реакции на социјалните мрежи предизвика и најавеното присуство на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

-Зошто не го поканивте и Папата, или пак уште подобро Реисот и поглаварот на МПЦ, ќе глумеа обединетост, па така ќе направете повеќе дела одеднаш: ем асфалт за дури 2 километри, ем популизам, ем меѓуверско помирување, коментираат твитерџиите.

Има и такви кои прашуваат иронично „дали на асфалтирањето ќе се повика блех музика“.

Пулсот на социјалните мрежи е интересна варијабла кога станува збор за перформансите на политичарите, па добро е да ги следат и да знаат да „кренат рачна“ секогаш кога мислат оти работите што ги прават заслужуваат камери, најави, или фамфари- што би рекле граѓаните. Голем дел од работите што ги прават се дел од нивниот опис и попис на обврските, а не причина за јавност и јавни аплаузи.