Ќе ја растури ли владината коалиција прегласувањето во Желино?

Државната изборна комисија вчера ги прифати приговорите на ДУИ и во Желино ќе има прегласување за градоначалник. Во приговорите се вели дека по гласањето во Желино, отпечатоците од прст не се совпаѓале со бројот на гласачите, а еден граѓанин гласал со неважечка лична карта.

Општините Желино и Тетово се единствените општини каде Беса освои градоначакнички места по вториот круг од локалните избори. Разликата во гласови во предност на кандидатот на Беса пред кандидатот на ДУИ во Желино беше 69 гласа. Во оваа општина кандидатот за градоначалник на Беса, Блерим Сејди освои 5.171 гласа, а неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири, освои 5.102 гласа.

Генералниот секретар на Беса Аријанит Хоџа, по одлуката на ДИК најави дека денеска ќе има седница на Централното претседателство на партијата.

– Претседателството на партијата ќе заседава дали ќе  ја напушти владеачката коалиција, изјави Хоџа, а на својот фејсбук профил напиша: Во Желино се роди една партија (движењето Беса), во Желино може и да се растури една Влада.

Инаку, Беса на оваа одлука на ДИК има право на жалба до Управниот суд. Евентуалната одлука за напуштање на владината коалиција на Беса, ќе значи и ново собраниско мнозинство и пад на Владата. Во Собранието Беса има четворица пратеници, а бројот на пратениците од опозицијата е 58. За собраниско мнозинство, 61 глас, потребни се уште три гласа.