Ќе мора да пливаме и да се разладуваме во изборните ветувања, за најавените базени ќе попричекаме

Нормално ли е многунаселеното Скопје да има само три големи базени каде може да се тренира или барем научи да се плива? Не е нормално. Затоа и сегашните градоначалници во текот на изборната кампања ветуваа изградба на најмалку уште 7-8 вакви објекти. Но проблем е што ниту еден од нив не е почнат да се прави. Заради тоа родители се принудени своите деца да ги носат или во Центар или во Карпош на пливања. А поминаа речиси две години откако беа дадени ветувањата дека ќе се градат нови базени во различни делови од градот.
– Градоначалниците изгледа очекуваат дека е доволно ако запливаме во нивните ветувања за изградба на базени. Скопје има 600.000 жители, а два нормални базени, ова е одлика за многу сиромашен град или за неодговорни власти, дециден е Андреј Ангелов.
Скопјани негодуваат бидејки нема каде да ги научат децата да пливаат.
-Живееме во К. Вода и навистина ми е далеку да го носам седумгодишниот син да учи да плива во базенот во Центар. Да имаше некој базен поблиску ќе го носев. Лани на море сопругот почна да го учи да плива, но се уште не научи. Ќе порасне, а нема да научи да плива, вели Даница Илиевска од оваа скопска населба.
Заради вакви проблеми кои ги имаат многу скопски семејства, во кампањата за локалните избори, новите скопски градоначалници не ги штедеа ветувањата за нови базени. Најмногу ги даде градоначалникот на Карпош Стефан Богоев – вкупно три нови базени.
-Трите базени ќе бидат соодветно реонски распоредени на територијата на општина Карпош, со цел со нив да бидат опфатени сите урбани заедници. На овој начин го развиваме спортот во нашата општина, се грижиме за правилен раст и развој на сите граѓани, се наведува во изборната програма на Богоев чиј рок е 2021-ва година.
Во општина Ѓорче Петров, пак, Советот досега донел одлука за базен во ОУ „Димитар П. Беровски“. Меѓутоа и тука се уште се чека на почеток на градба. Инаку, градоначалникот Александар Наумоски на граѓаните им ветил уште и нов отворен базен кој сега не се спомнува. Во Гази Баба, пак, градоначалникот Борис Георгиевски даваше гаранциии дека до крајот на следната година во рамките на постојниот СРЦ „Хиподром“ ќе биде направен нов отворен базен. Но и таму нема ниту трага од почетокот на градбата…
Инструктор по пливање Раде Илиевски, кој ги учи најмладите на пливање во скопскиот базен Центар, ни вели дека е потребно градот да добие нови базени.
-Потребно е базени да има колку што има општини во Скопје. Значи, околу десетина или минимум пет базени. Ова заради тоа базените да им бидат блиски до родителите за да можат да ги носат децата на часови по пливање. Сега на некои семејства базените се многу далеку, а на постојните два базена има доста гужва. Не можам да дадам проценка колку од скопјаните не знаат да пливаат, но сигурно е дека ги има доста. Освен тоа, постојано растат нови генерации на деца кои треба да научат да пливаат. Во базените најдобро се исправаат и се побројните деформитети на рбетите, потенцира тој.
Во април годинава Владата најави дека ќе финансира изградба на 14 пливачки базени во земјава. Четири од нив ќе бидат во Карпош, Ѓорче Петров (каде градоначалниците ги најавија) но и во Аеродром и во Кисела Вода чии градоначалници не дадоа такви изборни ветувања. Оттогаш до сега, нови најави или почеток на градби не се случија. Излегува дека базените се уште пливаат во ветувањата за кои има се помалку време да се остварат.

Ќе се „пливка“ во фонтани и реки
Летната жега едноставно те тера да бараш разладување. Затоа и има деца кои влегуваат во реките и вировите низ Скопје и околината. Некои бараат спас и во фонтаните, а за други кои имаат некој денар повеќе во џебот спасот е во неколкуте базени кои се во склоп на угостителски објекти, ни посочуваат скопјани.