Ќе направам да се знае кој е одговорен за секое парче зеленило

Ѓорѓи Гајдов, апсолвент на Земјоделскиoт факултет, одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје.

1.Закон за урбано зеленило

Веднаш би се ангажирал да се донесе ваков закон за урбано зеленило при што акцентот би бил на веќе постојното зеленило и организирање ново со пешачки патеки и содржини за деца и детски игралишта. Паралелно со ова би формирал и зелен катастар за детална евиденција на секое парче зеленило. И тоа не само за јавните туку и за приватните земјишта помеѓу станбените блокови да се знае сопственоста и одговорноста за одржување на истите.

2. Чистење на речните корита

Би мобилизирал сите капацитети за чистење и санирање на коритото на реката Вардар и нејзините притоки Треска, Лепенец и Серава од почеток до крајот на градот. Освен тоа, би правел и пешачки, велосипедски и детски содржини и игралишта за рекреација на граѓаните и најмалите.

3. Независен градски и државен инспекторат

Целта би ми било и формирање на независен државен и градски инспекторат составен од инспектори и експерти за екологија и животна средина. Тие да вршат постојан и засилен надзор кај потенцијалните загадувачи, фабрики, депонии, топлани, мали и големи индустриски погони, зима-лето, дење и ноќе. Засилен надзор во градежниот сектор во градот за емисија на градежна прашина и земја по улиците, а што дополнително го загадува воздухот, а уставно право е граѓаните да дишат чист воздух.