Ќе направам сите фабрики да имаат соодветни филтри за прочистување на гасовите

Естрадниот уметник Душко Георгиев одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1.Ако нема филтри има казни
Загадувањето на воздухот е проблем кој секоја зима ни создава големи проблеми и градот го прави неубаво место за живеење. И покрај сите ветувања проблемот мошне бавно се решава. Мислам дека треба поголема одлучност на надлежните за колку-толку да се подобри состојбата. Сметам, и тоа би ми било приоритет, дека во загадувањето на воздухот големо учество имаат фабричките постројки и производствени капацитети кои ги има насекаде во градот, а немаат соодветни филтри. Таму, преку честа и стриктна контрола, со инсистирања да се постават филтрите за прочистување на воздухот, посебно би се ангажирал. Ако тое не се примени од нивна страна би преземал и казнени мерки.

2.Стипендии за деца без родители
Категоријата на деца без родители бара посебна грижа од општеството. Посебно во периодот кога стануваат полнолетни и кога мора сами да се борат за егзистенција. Јас би повел повеќе сметка за тие деца во градот преку разни мерки. Прво би се погрижил да добијат одредена стипендија за натамошно школување и усовршување, а напоредно со ова би се трудел и да се вработуваат во државни органи. Тие личности, навистина, се во тешка ситуација и треба да им се помага.

3.Обележување на паркинзите
Често ми се случува на паркингот во мојата населба Ново Лисиче да „вртам кругчиња“ со автомобилот бидејќи немам каде да паркирам. Сигурен сум дека тоа им се случува на многумина скопјани. Најчеста причина е што паркинзите не се уредно одбележани и што некои несовесни возачи зафаќаат по неколку места. Ако се обележат паркинзите, а за тоа треба само десетина килограми бела боја, би се направил ред и проблемите со паркирањето би се намалиле. Јас тоа веднаш би го направил.