Ќе се чека ли Старата железничка да падне за да се направи постара и поубава?

Функционерската лежерност посилна од земјотресот

Влажен ѕид обраснат со мов, малтер кој отпаѓа од ѕидовите, дрвенарија на прозорците која што се распаѓа, искршени плочки и стакла…. сето ова може да се види на една од најзначајните знаменитости во градот – Старата железничка станица. Така е со години… Се чини силниот земјотрес и направи помала штета од сегашната институционална незаинтересираност.

-Не може да не се забележи дека таа пропаѓа. Се гледа дека нејзината надворешност воопшто не се одржува. Не се знае дали во полоша состојба се ѕидовите, прозорците или долниот дел од зградата. Ова може да падне ако вака се остави, вели скопјанецот Предраг Арсовски.

Израснат мов се гледа на левиот, понискиот дел од објектот. Таму влагата е постојана и таа не само што делува грдо и оддава впечаток на негрижата туку и го оштетува-нагризува целиот ѕид. На настрешницата пред главниот влез веќе се гледа дека отпаѓа малтерот и дека плафонот не е варосуван кој знае од кога. Ролетните на прозорците во долниот, но и во погорниот дел веќе се сосема пропаднати: избледени, изгниени, стаклата неизмиени… Уште полоша глетка оддава долниот дел, тротоарот каде се гледа распадната конструкција на терасата на поранешното кафуле, дупки во кои некој посетител може да пропадне. Стрелките на часовникот кои запреа на 5.17 часот, кога се случил земјотресот, се уште се држат, но со оглед на состојбата на целиот објект прашање е дали и тие се стабилни…

-Урбанизацијата ја загушува, а запуштеноста ја умира Станицата. Таа не го заслужува ова, веројатно длабоко ќе жалиме за една таква ситуација. Многу градови би биле горди да ја имаа. Жална слика за Центар и за една од најубавите железнички станици. И туристите реагираат, прашуваат зошто не се одржува ако е значајна. Секогаш оваа жална состојба ја поткрепувам со убави приказни од стари времиња. Жално е што не се најде доблест да се сочува споменот на еден Ориент експрес, познати личности кој поминувале или останувале во Скопје. Но, така е тоа кога градоначалници се луѓе кои немаат осет и спомени за едно друго Скопје, вели Гордана Јанакиевска, туристички работник.

Околу Станицата повеќе од година дена се градат бројни објекти од страна на турска компанија. Кога се почна со градбите, градските власти најавија дека Станицата во која е сместен и Музејот на Скопје ќе биде возобновена и вклопена во целиот мултифункционален комлекс. Дали тоа и ќе се случи останува да се види. Рокот за завршувањето на комлексот и на подземната сообраќајница наближува, но во медиумите се појавија и информациите дека сообраќајницата доцни со градба. Сето тоа отвора прашање уште колку време ќе помине додека на ред дојде реконструкцијата на Старата железничка станица и дали таа и натаму ќе биде оставена да пропаѓа се повеќе и повеќе!?

Била најубава на Балканот
Изградена само за три години, во периодот од 1937 до 1940-та година, ова железничка станица во тој период била најубава на Балканот. Големиот станичен хол кој бил врска со главниот влез и излез, зафаќал простор од 1.000 метри квадратни. На првиот кат се наоѓал ресторан, а на вториот службени соби и хотел за железничките чиновници. На перонот, поплочен со најубави романски плочки, застанувале и продолжувале возовите кон Европа, а тука минувал и прочуениот “Ориент експрес”.