Ќе се дознае ли некогаш кој е авторот на камениот саркофаг на Гоце Делчев?

И по цели 74 години откако е направен и во него положени посмртните останки на големиот македонски револуционер Гоце Делчев трае енигмата кој е авторот на белиот камен саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Пред овој саркофаг и денеска ќе се оддаде почит кон македонскиот херој на 117-годишнината од неговото убиство кај село Баница на 4 мај 1903 година.

Името на авторот кој го осмислил почивалиштето кое во себе има симболика остана непознато до ден денешен, а не може да се најде ниту во документите кои тогаш во 1946 година се носеле околу враќањето на останките на Делчев од Бугарија во МакедонијА во 1946 година.

Она што сега е познато е дека саркофагот бил готов во октомври 1946 година и дека е составен од блокови гранитен камен. Самата конструкција е обратно пирамидална бидејќи димензиите растат од долу кон горе.

-Трите камени столбови на кои лежи саркофагот симболично ги претставуваат трите разединети делови на Македонија – Вардарскиот, Пиринскиот и Егејскиот, пишува во публикацијата од 2006 година посветена на 60-годишнината од пренесувањето на моштите на Гоце.

Досегашните истражувања, главно, водат кон две насоки. Едната е дека можниот автор треба да се бара меѓу еден од двајца Словенци, кои како архитекти или нешто слично во тој период 1945/46 година работеле во Скопје. Авторот имал задача слична на онаа што сега ја имаат градските архитекти, но и тоа не е сигурно. Наводно, тогаш бил и распишан и јавен конкурс за изработка на камениот саркофаг на кој имало повеќе пријавени трудови. За најдобро е избрано ова решение што и се направило. Но, никаде не можат да се најдат документи од конкурсот, кој се учествувал и одлуката за избор на постојниот саркофаг.

Другата индиција е дека делото го направил некој Хрват од Далмација кој во тој период работел во Скопје како резбар и од надлежните добил задолжение да го направи камениот саркофаг. Според некои сознанија, не бил скулптор, туку се занимавал со изработка на камени споменици за гробишта. Но, и за вакво тврдење нема докази.

Инаку, денеска се одбележуваат 117 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Тој бил убиен од османлиската војска во 1903 година во селото Баница, Серско, откако предавници го откриле местото каде се наоѓа.

Делчев е еден од најголемите борци за Македонија и македонскиот народ, тој е визионерот кој пред повеќе од еден век го разбирал светот како поле за културен натпревар на народите.