Ќе се намалува прагот на алармирање за загадениот воздух

Намалување на праговите за алармирање за аерозагадувањето и прогласување на мерките што ќе бидат обврзувачки за општините и за државата се предвиудуваат со измените во Законот за управување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Ова денеска го најави Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина на тркалезната маса посветена на решавањето на предизвиците на аерозагадувањето.

-Им даваме можност на општините без дозвола од Министерството за животна средина да ги реализираат краткорочните мерки за аерозагадувањето. Го воведуваме и принципот на локализација, а тоа значи дека во деловите каде има високи концентрации на штетни честички да се активираат построги мерки против аерозагадувањето. Ги насочуваме граѓаните да купуваат возила со помали мотори, бидејќи со користење на помалку гориво ќе се емитуваат и помалку загадувачки супстанци. Ќе им помогнеме на оние што сакаат да градат фотоволтаици и да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите – напомена Петровска.

Таа не откри на кое ниво ќе бидат определени праговите на алармирањето по чие пречекорување ќе се активираат мерките. На дебата беа побарани и поголеми овластувања за комуналните инспектори за да можат да влегуваат во домовите на оние граѓани за кои се сомневаат дека прекумерно го загадуваат воздухот.