Ќе се носи ли отровен отпад во Скопје? Опозицијата прашува, Шилегов се уште не одговорил

Го демне ли Скопје нова опасност од загадување? Ова прашање денеска го наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ која на прес конференција посочи дека на градоначалникот Петре Шилегов бизнис интересите очигледно му се поважни, отколку здравјето на граѓаните на Скопје.
– Шилегов се уште не одговори дали нов партнер на градот во бизнисот со рециклажа на опасен отпад ќе биде лицето Петар Припуз кој е гонет за серија криминалии во Хрватска? Петре Шилегов се уште не одговори дали Петар Припуз сопственикот на ЦИОС и уште други десетина компании, ќе го пресели опасниот бизнис со најотровниот отпад од странство во Македонија и ќе ги труе граѓаните на Скопје?, истакна денеска на прес-конференција од Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцира дека партнерот на Петре Шилегов се товари дека затаил над 13 милиони евра данок, со тоа што издавал фиктивни фактури на фирми кои што требало да му бидат добавувачи и никогаш не се утврдило дали навистина бил купен отпадот од негова страна односно дали физички стигнал до неговите фирми.
– Дали намерите на Петар Припуз и Петре Шилегов се да го преселат бизнисот на ЦИОС во Скопје и да реализираат сомнителни бизниси со овој најопасен отпад кој што ќе се увезува и рециклира тука во Скопје, а притоа никој не води сметка во државата колку таков опасен отпад е увезено? Петре Шилегов не води никаква грижа за граѓаните на Скопје, истакна Арсовски.