Ќе се поправа ли летачкиот барок и ќе се најдат ли виновниците за најновиот успех на „Скопје 2014“?

(лепакот не го додржал барокот на „Сити Галери“)

Голем проект, големи пари, големи дефекти…

 Eден малку посилен ветер и летна барокот во Скопје. Но не беше само до ветерот од пред некој ден, и порано можеше да се видат пукнатини, дамки од влага, лупење на малтерот, несигурни фасади, одвојување на гипс-картоните, изместени плочи… на зградите и улиците oпфатени со прескапиот проект „Скопје 2014“. Речиси да нема објект на кој што не почнало да се забележува пропаѓање, а се е направено пред само неколку години.

Сепак, дека нешто ептен не „штима“ јасно и гласно покажа силниот ветер минатата недела кога се откорна голем дел од новата фасада на државната компанија МЕПСО. Се урна половина од фасадата, се оштетија десетици клима уреди, возила… За среќа не настрада и некој човек.

Еeeј, се дадоа над половина милијарда евра, а многу веројатно е дека при следниот посилен ветер уште нешто ќе падне од велелепните градби. Ќе се пронајде ли причината зошто ова се случува? Ќе се поправат ли работите или се непоправливи?

(летнаа па паднаа фасадите на МЕПСО)

-Многу се разочарав од начинот како се спроведувале градежните работи. Вака моето внуче лепи кукички за часот по ликовно, но тоа има 8 години, а овие нели, големи фирми ангажираа? Испадна дека големи биле само парите што ги зеле, децидна е скопјанката Ивана Т.

Скопјани очекуваат да се изврши генерална ревизија за да се спречи да не настрада некој граѓанин. За нив е и нејасно, што всушност најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов кога рече – „по изборите на 12 април „Скопје 2014“ мора да се реши најбрутално, сега и веднаш и дека ќе има одговорност за оваа лудило“. Тој, не дообјасни што подразбира под „најбруталното решавање“? Дали ќе урива објекти или ќе прави нешто друго? Исто така, Шилегов не кажа кога ќе има одговорност за фалинките на проектот, која се бара неколку години, а ја ветија и тој и градоначалникот на општина Центар, но никако да се утврди.

-Очигледно е дека објектите се направени неквалитетно и дека не се сигурни. Јас така чувствувам кога поминувам покрај нив. По ова што се случи со фасадата на МЕПСО јасно е дека треба да следи проверка на сите објекти. Но, треба и да се утврди одговорноста за ова, ни вели скопјанецот Стерјо Пушевски.

Тој е само еден од граѓаните кои веќе не се чувствуваат сигурно кога поминуваат покрај доградените фасади, како и го орнаментите на старите и новите згради. А дека тие се повеќе пропаѓаат забележа и нашата репортерска екипа. На улица „Македонија“ нови гипсани фасади, само од надворешната страна имаат повеќе згради. На нив веќе се гледаат пукнатини преку кои може да навлегува вода, воздух… Тоа значи дека наскоро фасадите може да се одвојат од стариот ѕид и да паднат. Дамки од влага, откорнат гипс-картон, лупење на малтерот се најзабележителни на фасадата на старата Стоковна куќа, сега „Сити галери“. Започнатото распаѓање се гледа на пет-шест места. Јасно се гледа дека слабиот материјал ќе почне да се распаѓа и дека дождот и ветерот ќе го забрзаат тоа…

Проблем не се само фасадите. Во подножјето на споменикот на Александар Македонски веќе се искорнати неколку мермерни плочки, Стојат така со недели и недели и никој не ги поправа. Оштетувањето сигурно дека ќе се прошири, но прашање е како толку брзо плочките почнаа да испаѓаат? Тука блиску е и фонтаната вкопана во плоштадот која долго време беше расипана и која одвај беше поправена…

(се рони мермерот на главната фонтана)

На зградата на МЕПСО се гледа дека не е проблем само внатрешната фасада: високите антички столбови веќе имаат пукнатини и прашање е како тие ќе се шират.

На зградата на Уставниот суд, на Архивот и на Археолошкиот музеј античките столбови веќе ја смениле бојата. Од бели се повеќе станаа сиви и жолтеникави. На самиот врв, непосредно под покривната конструкција се гледа голема црвеникава дамка од влага. Јасно е дека тука навлегува дождовницата…

Истрагата како да е заборавена

Расчистување со криминалот при градбата на „Скопје 2014“ на големо се најавуваше пред четири години кога сегашната власт беше во опозиција. Но, еве и по три години откако се на власт се уште ништо не е расчистено. Се направија ревизорски извештаи, се утврди кои закони се прекршени и толку. Веќе како да не се бара одговорност. Последна која кажа нешто за истрагата беше тогашната шефица на СЈО Катица Јанева која во јуни 2018 година рече дека „прво мора да се утврди каде се завршиле парите од овој проект“. Досега е започнато само едно судење за тендерите за изградбата на Стариот театар кое што постојано се одлага и не се знае дали и кога ќе заврши. Други случаи не се ниту на повидок… како да се некои од главните актери веќе амнестирани.

Каде попуштаат градбите „Скопје 2014“:

Листа на објекти на кои веќе се забележани дефекти-слабости:

 Јули 2015: Напукна оградата на мостот „Око“

-Јули 2016: Пукнатина на торзото на споменикот на Цар Самуил

-Февруари 2017:Протече таванот во МНТ

-Септември 2017: Распука фасадата на зградата на Владата

-Декември 2017: поплава во подрумите на МНТ и Археолошкиот музеј

-Јули 2018: Се расипа фонтаната прскалка на плоштадот

-Октомври 2018: Паднаа парчиња фасада од зграда на Агенција за медиуми

-Февруари 2020: Откорната фасада на зградата на МЕПСО