„Ќе се разбудам ли пак“ во четврток во Филхармонија

„Ќе се разбудам ли пак“ е насловот на концертот во Филхармонија на кој ќе прозвучат дела од Дебиси, Копланд и Коларовски, во четврток во 20 часот.
Насловот е извлечен од истоимениот вокален циклус на Гоце Коларовски (1959-2006), чија „Симфонија“ ќе биде дел од програмата на овој концерт. Со нејзината изведба Филхармонија ќе одбележи 60 години од раѓањето на овој значен македонски композитор. Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучија. Звукот во делата на Коларовски речиси секогаш е проткаен со своевидна мистика, специфична оркестрација и особен акцент на динамиката и музичкиот колорит. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа можат да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик.