Ќе се слушне ли мислењето на маџирмаалци или ќе живеат по хотели?

Познатото маало си има мака…

Осумдесетина висококатници или десетици хотели? Ова е дилемата која сега се поставува во однос на тоа каков Детален урбанистички план ќе добие едно од најстарите скопски маала – Маџир маало. Дилемата ја испровоцира отворањето на увид за граѓаните во општина Центар на новиот ДУП за оваа населба. Новиот план дојде како преправање на претходниот ДУП од 2012 година, кој новите општински власти го стопираа со образложение дека треба да се ревидира заедно со триесетина други планови. Сега, цели две години откако траеше подобрувањето на планот, се доби нешто што граѓаните категорично не го прифаќаат.

-Не сакаме Маџир маало да ни го направат Лас Вегас, со хотели и казина, беше реакцијата на граѓаните на првиот ден од увидот во ДУП-oт што се направи неодамна.

Екипа на „Скопско Ехо“ ја посети населбата со цел да види и поразговара со тамошните жители – на што тие, всушност, реагираат. Без многу зборување тие ни го презентираа планот каде има десетици градежни маркички означени дека ја имаат намената Б-5, односно, дека на нив ќе можат да се градат хотели. Ваквите маркички за хотели се наредени долж повеќе улици во Маџир маалото – „Вардарска“, „Прилепска“, „Ѓуро Ѓоновиќ“… а на кои сега се наоѓаат семејни куќи на маџирмаалци. Со тоа секое од семејствата на сопствениот плац веќе не би можел да ја доградува семејната куќа.

-Не сакам тука да се гради хотел. Ако нешто треба да се прави може да се прави станбена зграда во која ние би добиле станови како обештетување. Не сакам некој да ме исплатува за имот, а тој потоа да гради свој хотел, ни рече еден жител на улицата „Вардарска“.

Ова укажување делува по малку ултимативно и еднострано, но дел од тукашните жители сега почнале да потпишуваат и петиција во која бараат да се врати запрениот ДУП од 2012 година и да се градат станбените згради без оглед на тоа што ги има премногу. Кога во април 2018 година во општина Центар имаше презентација што се содржел овој ДУП беше кажано дека ако се изградат сите осумдесетина висококатници тогаш околу 6.200 станари во 1.700 нови станови не ќе можат да видат ниту сонце, ќе немаат зеленило, градинки, паркинзи… Наместо тоа им се нудат градежни маркички за хотели за кои не е јасно од кои причина планерите ги нацртале во толкав број заедно со нешто малку зеленило и градинка. Практично, се доби план кој повторно не е по вкус на граѓаните, исто како што тоа било во изминативе прилики кога во 2005, 2007, 2010 и 2011-та година биле изработувани ДУП-ови кои не биле прифаќани. Според сознанијата, Генералниот урбанистички план барал овој простор да има доминатно деловна намена.

-Надлежните никогаш не сакале да го слушнат мислењето на Маџирмаалците за тоа што претставува маалото и како тоа треба да изгледа. Како дојде до тоа единствени решенија да се или згради или хотели? Јас не се согласувам со тој избор. Имам и комшии кои сакаат зграда и такви кои сакаат хотел на нивниот имот. Тоа се индивидуални желби, но тие немаат право истото да го претставуваат како да е за доброто на маалото. Тоа ќе доведе до целосно обезличување или комлетно иселување. Планот за Маџирмаало мора до го земе во обзир неговиот архитектонски, културолошки и социолошки идентитет кој е од голема важност за Скопје. Маџирмаало не е само градежна парцела, туку е и организам чиј дух треба да продолжи да живее. Ми се чини дека ова е предложено токму за да биде одбиено. А надлежните, нели, најмногу ги слушаат своите сограѓани особено пред избори – ни вели Александар Николиќ, староседелец во Маџирмаало.

Тој верува дека, и покрај до сега направените неколку висококатници, уште има шанси да се сочува доволно од важното, да се обнови застареното и доизгради потребното…. 

Проблем им е и надоместокот

Староседелците во Маџир маало потенцираат дека доколку се прифати градбата на многу хотели тоа ќе значи нивно иселување од населбата.

-Не ни е прифатливо инвестоторите во хотели да ни исплатат нешто како надомест, а ние потоа да мора да се иселиме. Ние прво сакаме да останеме тука, а второ, неправедно е оној на чие место ќе се градат стамбени згради да добие станови во нив, а таму каде што ќе се градат хотели да се добие многу помал надомест. Надоместокот треба да биде ист, вели еден жител од „прилепска“ улица.