Ќе си почекаме: Допрва ќе го осмислуваат новото ветување – автобуско метро

Стаса уште една најава и предлог за решавање на градскиот опревоз во Скопје. Автобуси кој ќе бидат на електричен погон со акумулатори или со хибридни мотори со плин и кои ќе се движат по посебни ленти на градските сообраќајници ќе бидат основа на новиот систем на градскиот превоз. За примена на ваквиот концепт на превозот во Скопје се изјаснила Владата на вчерашната седница на која ја усвоила информацијата за воведување на БРТ (Bus Rapid Transport) на територијата на град Скопје.

– Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект – информираат од владината прес – служба.

Според сознанијата, се планира воведување на две линии: од Ѓорче до Ново Лисиче и од  Бутел од кај поранешно „Типо“ до Кисела вода кај поранешна „Стаклара“ при што линиите би се вкрстувале кај Олимпискиот базен. На овие две линии ќе нема автобуски превоз. Првичниот план е левата лента на булеварот „Партизански одреди“ да се огради и обележи како посебен коридор за автобуското метро.

Неизвесно е кога би можело скопјани да го добијат новиот вид на превоз. Сега е потребно прво да се изготви физибилити студија за изводливоста од воведување на автобуското метро во Скопје. По оваа фаза, ќе треба да се изработат сообраќајни студии, но и проектна документација што ќе мора да предвиди надградба на постојните сообраќајници во Скопје по кои ќе поминуваат овие автобуси. А потоа да се најдат и средствата за целиот систем на превозот.

Неизвесно е дали ова е и последниот предлог на Владата и Град Скопје. Досега се изнаслушавме многу предлози. Изборот на БРТ е најнова варијанта која се планира за осовременување на јавниот превоз во градот. Уште во декември минатата година скопскиот градоначалник најави дека ќе се прави класичен трамвај во соработка со градот Загреб и кој ќе чини до 150 милиони евра. Неодамна, премиерот Зоран Заев најави дека ќе се воведува „трамвај на гуми“ но сега излегува дека се работи за автобуси на еколошки погон.

Дали и ова најновата најава ќе претрпи промена останува да се види. До тогаш, ќе ставаме фотка на текстовите од најавениот трамвај.