Ќе станам и рели – возач, а сега со картингот освојувам пехари и во странство

Кога возам картинг, најубав момент ми е претекнувањето на ривалите. Тоа најчесто го правам на кривините, ни вели седумиполгодишниот Христо Ковачи…

Се почнало пред не цела година како најобично излегување на татко и седумгодишниот син околу спортскиот центар „Борис Трајковски“. Застанале кај „Арт картинг центарот“, и Христо Ковачи побарал од татко му и тој да повози картинг. Желбата веднаш била прифатена и следело десетминутно натпреварување со другарчето – кој ќе биде побрз. И така почнала врската меѓу второоделенецот од ОУ „Блаже Конески“ од населбата Аеродром и картингот. По неколку дена, малиот Христо од татко му Аргир побарал пак да одат за да вози по патеката…, по што почнало активното бавење со трки.

-Си замислив дека возам „Формула 1“, убаво е чувството кога се вози брзо, кога ги претекнуваш другите картинзи, ни кажува Христо за она што тогаш го почуствувал.

Наскоро станало јасно дека, освен за кошарка, Христо има талент и за возење. Таткото Аргир прифатил совети дека во ваква ситуација е најдобро да си купат сопствен тркачки картинг за детето да може да почне да тренира.

-Во февруари-март почнавме со тренинзите во Солун, во тамошниот центар „Cosmosralls Cart Academy“ и одевме за викендите двапати месечно. Потоа, во април почна и со тренинзите во Ќустендил во Бугарија каде што му е тренер 60-годишниот Тошо Јаначков, кој 40 години вози картинг, ни објаснува таткото Аргир додавајќи дека се многу благодарни за советите и на пријателите Игор Богатиновски и на Константин Ангеловски.

На тренерот Јаначков не му требало многу за да види каков талент се крие во Христо. Веднаш им дал совет да учествува во бугарскиот шампионат во возење картинг, на трката која веќе била закажана за следниот викенд.

-Во таа трка настапија и десетина други деца. Во квалификациите заземав четврто стартно место. Но, кога тргнав ми се случи пех. Заради тоа што не беа загреани гумите на самиот почеток излетав од патеката. Ме поминаа сите картинзи, но мене ме фати инает. Го вратив картингот на патеката и почнав да ги бркам. На крајот, по десет кругови долги по еден километар, освоив четврто место, со радост ни раскажува малиот Христо.

Потоа следеле уште 11 други трки и на крај, бугарскиот шампионат, во кој овој наш талент освоил трето место во конкуренција на вкупно 13 учесници. Во ист период учествувал и во македонскиот шампионат во кој во негова категорија освоил второ место. Сега во неговите витрини има дузина пехари и медали освоени во разни трки и на сите им се радува.

-Кога возам картинг најубав момент ми е кога ги претекнувам ривалите. Тоа најчесто го правам на кривините. Претходно „му се лепам“ на картигнот пред мене, се местам кога влегуваме во кривината и потоа давам гас за да го претекнам, ни ја открива тајната Христо.

Тој нема дилеми дали и во иднина ќе вежба возење картинг. Не му е проблем одењето од Скопје до Солун и Ќустендил за да вежба во викендите, ниту исполнување на обврските во училиштето.

-Сакам да станам рели-возач, тоа ми е многу возбудливо. Посебно сакам да возам во зимски услови по снегот со спортски коли. Патеката кон тоа води преку картингот кој го вежбаат и најдобрите возачи бидејќи им помага да го изострат рефлексите, вели Христо.

Рекорд од 96 километри на час

Христо ни открива дека најголемата брзина со која возел картинг била 96 километри на час.

-Не се плашам кога се движам толку брзо, но мора и многу да се внимава оти тоа е голема брзина. А најголемо уживање ми е кога возам по дожд. Тогаш се чувствувам како да сум роден во картингот, вели овој талент.