Ќе стопирам градба на нови згради, а Расадник би станал парк

Пензионерката Вера Дренковска, одговара на прашањето – кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Кисела Вода…

 1.Градење само на нови градинки и училишта

На подрачјето на општината не би дозволила да се градат нови станбени згради бидејќи просторот веќе се задушува. Она што и е потребно на граѓаните тоа е оплеменување на постоечкиот простор – уредување на квартовите, на патеките, рекреативните зони, зеленилото… Би дозволила само да се градат нови градинки и училишта, односно, оние објекти кои се за најдиректни потреби на граѓаните. Грешките со интензивната станбена градба во Кисела Вода се повеќе ги чувствуваме и ова е последен момент да се запрат.

 2.Расадник да се направи голем парк со фонтани

Врзано за претходниот предлог, новиот ДУП за Расадник би го трансформирала во голем парк со фонтани, детски игралишта и други видови рекреативни и забавни содржини. Тој простор е идеален за тоа и на тој начин треба да се уредува. Она што таму се планира да се направи ќе биде премногу, целата општина ќе се задуши, а граѓаните, како и во првиот дел од населбата, нема да уживаат во живеењето тука туку ќе имаат проблеми секој ден.

 3. Згрижувачки центар за бездомници

Ваков објект е навистина потребен бидејќи има поголем број на бездомници на кои им е потребна помош. Со ова, тие би имале каде да се засолнат и да почнат да планираат како да си го сменат животот. Без ваков дом, сите обиди да им се помогне, се залудни. Тоа не би требало да е скапа инвестиција, може и да се пренамени некој стар објект што сега не се користи. Мора да им се помага на луѓето во невоља.