Ќе ти гледам во кафе, ѓубре едно

Ѓубре има по целиот град. Дури и мали депонии покрај самите места за контејнери никнуваат. Сликата е грда, нехигиенска и не и личи на Скопје. Факт е дека комуналците се трудат да подзачистат, ама „скопјани“ се „инвентивни“ и ѓубре фрлаат и каде не можеш да претпоставиш.
Го бараат ли надлежните доволно настојчиво ѓубрето за да го исчистат? Излегуваат ли инспекторите на терен за да казнуваат и опоменуваат? Да не им е многу топло надвор?
Еве „Скопско Ехо“ ќе помогне како тоа да го прават без да излезат од разладените канцеларии: нека гледаат на кафе. Во шољите, во црниот талог сигурно го има одговорот. А кафе, знаеме, не им недостига. Градските власти преку тендер лани набавуваа разни видови кафе за 11.000 евра, без ДДВ. Тогаш во редакцијата пресметавме дека на градските власти во наредниве две години ќе им бидат потребни ни помалку ни повеќе отколку 755 килограми најразлични кафиња. Се набавуваше и 120.000 лажичиња, епа сега нека замешаат и нека остават талогот да слегне…, ќе им се покаже пат…