Ќе воведам обврска за зелени појаси и ќе направам плажа на Вардар

Tелевизиската водителка Лила Филиповска одговара на прашањето – кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Скопје.

1.Зголемување на зеленилото и чист воздух
Прво и најбитно е зголемување на зелените површини и поставување на прочистувачи на воздухот. Џабе ни е се ако немаме чист воздух кој е најбитен за добро здравје на населението. Јасно ни е какви се заболувања се јавуваат благодарение на загадениот воздух. Донесување на закон според кој во зависност од квадратурата ќе се определува неопходен зелен појас како што е тоа во други европски развиени земји.

2. Клинички центар под итно
Години наназад зборувам дека е срамота главен град на држава да нема модерно опремен и среден клинички центар. Слушам дека треба конечно да почне да се гради и ако е така ја поздравувам оваа одлука, а ако не, итно би дала таква иницијатива. Легитимно право на секој човек е да може да се лекува достоинствено и без дополнителни трауми во клиника во која нема да има искршени врати и прозорци и дотраена механизација и апарати.

3. Враќање на Градска плажа
Мислам дека скопјани заслужуваат една убава градска плажа. Кога гледам стари слики и снимки од некогашната градска плажа на реката Вардар сфаќам колку би било убаво да ја имаме и денес. Кога ќе видам што се во Дубаи е направено во пустина, сигурна сум дека постои некаква можност за враќање на некогашниот сјај на нашиот Вардар. Тоа ќе биде и убава забава за луѓето во текот на неподносливите температури во Скопје во текот на летото.