Кирил Лазаров на фајнал фор ќе настапи со патики на кои стои македонското знаме

Македонскиот ракометен ас Кирил Лазаров го очекува настапот на завршниот турнир во Келн со францускиот Нант и полуфиналната пресметка со Барселона.
Македонската легенда во „Ланксес Арена“ ќе се појави со специјално дизајнирани патики за овој настан. „К.Л.7“ ќе носи патики на кои е аплицирано македонското знаме.

За селекторот и капитен на македонската репрезентација тоа ќе биде седми фајналфор и деветто полуфинале во најсилното клупско ракометно натпреварување во Европа, во кое неговиот Нант в сабота во арената „Ланксес“ ќе се судри со Барселона. Во другиот дуел за финалето ќе играат Пари Сен Жермен и дебитантот Олборг од Данска.