Кисела Вода почна кампања за откуп на земјиштето под домовите и дворните места за 1 евро квадрат

Општина Кисела Вода денеска започна кампања „Моја земја, мој дом” чија цел е да ги стимулира граѓаните кои ги легализирале своите објекти да го откупат и земјиштето, како и дворното место.

-Притоа, не е важно дали објектот се наоѓа во дел на општината каде има или нема донесен Детален урбанистички план. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост. Дополнително, ако се работи за семејно домување, сопствениците на, сега веќе, легалниот објект, можат да го откупат и дворот. За откуп на дворот, потребно е за него да има урбанистичко-планска документација. А цената е повторно-едно евро за еден квадрат, доколку се работи за површина до 500 квадратни метри, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој упати повик до сите граѓани кои го завршиле процесот на легализација да ја започнат процедурата за докомплетирање на имотот, наведувајќи дека за тоа ќе имаат целосна логистичка поддршка од службите на Општината.

На општинската веб страница е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации. Исто така, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во архивата на Општина Кисела Вода, која од неодамна работи и во втора смена, до 20 часот.

Акцијата ќе трае се додека и последниот граѓанин кој има желба не го откупи земјиштето.

Претходна вестБесими не очекува значително зголемување на струјата – но колку ќе биде, не кажа
Следна вестНови 419 заразени, има 8 починати за 24 часа и уште 6 од претходно