Ќе биде ли Пендаровски на охридскиот брег? Ќе остане ли покровител на маратонот?

Добро е, ќе се одржи светски познатиот – Охридски пливачки маратон. Властите наеднаш увидоа дека нивната анемичност, незаинтересираност и преорентираност кон други за нив поважни цели ќе ја укинеше децениската традиција.

Да де, увидоа откако цела Македонија упати остри критики. Јавноста е огорчена особено што оваа спортска манифестација е под директно покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, но ниту тој не спречил да дојде до ситуација да се зборува за пропаѓање на светски познатиот маратон.

Сепак се јавија вчера од Агенцијата за млади и спорт и соопштија дека со владина поддршка ја преземаат организацијата на Охридскиот маратон.

-Агенцијата за млади и спорт и сите надлежни институции, нема да дозволат овој познат, реномиран и светски признаен пливачки маратон да прекине и ќе ја преземе организацијата за одржување на маратонот, посочија од Агенцијата.

Дали тоа ќе го стореа ако неколку часа претходно Општината Охрид не излезе со став дека сама ќе се обиде да ја организира спортската манифестација, е тешко да се одговори.

А остана и уште една дилема: Дали Пендаровски и понатаму ќе биде покровител на манифестацијата? Може ли тој по толку многу успешни маратонски пливања за доброто на Македонија да постаса и во Охрид да „плива“?

Па некој треба да биде оставен и на брегот. Тито за време на Југославија таму остави и многу убава вила, па…

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: СДСМ дозволи создавање Комисија за историски прашања која треба да ги ретушира македонските учебници
Следна вестПрофесорката Котевска за комисистот Ѓоргиев: Тие пари се проколнати и таа научна кариера уништена