Ќе го фатат ли Османи и Ковачевски последниот воз?

Големиот сенароден протест прати јасна порака. На македонските граѓани им е јасно дека францускиот предлог дава датум за преговори со ЕУ, но потоа само ќе се добиваат многу датуми на кои Бугарија ќе му кажува – наредува на официјално Скопје што треба да се направи.

ЕУ до сега вакви работи нема сервирано на ниту еднен народ и држава. Дали Брисел тоа го прави затоа што добива сигнали од македонската власт дека предлозите малку ќе таласаат во Македонија ама ќе пројдат според диктатот? Како впрочем и со името на државата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве изјави дека овој предлог не е идеален, но…

–И за овој предлог мислам дека не е идеален, но дека ни овозможува после 17 години влегување и фаќање на последниот воз за пристап во ЕУ, рече Османи.

Колку последни возови „стигнуваа“ во Македонија во минативе 17 години? Колку пати до сега и бриселските бирократи ни кажувале – не плашеле дека ова е последниот воз, па потоа откако нема да пристигне ни најавувале друг со нови услови за добивање билет за него?

Всушност, има ли воопшто бриселски воз на железничката станица во Скопје? Или тој е далеку, а пругата треба низ годините да ја направи македонскиот народ полека самоукинувајќи се?

Ситуацијата сега е видлива – Прифатете ги условите на ЕУ и Бугарија и ќе го имате билетот за „последниот“ воз во рака. А кој на крајот (ако некогаш има крај) ќе се качи во таквата композиција влечена од локомотива на ЕУ?

Крајно време е да се мисли за македонскиот воз!

Османи се чини поретко се вози во него, тој претходно избра да лета со авиони каде со дигнати палци славеше добиен датум кој никаде го нема. Во македонскиот воз мноштвото граѓаните патуваат далеку понеудобно, но со крената глава и во вистински правец – кон правото за самоопределување без диктати, и кон ЕУ кога ќе опстане на приципите и правилата за кои самата ни држеше лекции.

Ете, тоа е последниот воз. Османи, а и премиерот Ковачевски треба во него да се качат. Во спротивно, ќе останат на слеп колосек каде ќе добиваат телеграми за поддршка од Брисел, од соседни земји, од домашни одбрани експерти, од…

Претходна вестИ Ковачевски ли како Царовска ќе го игнорира академик Коцарев?
Следна вестБраво: Злато, сребро и две бронзи за македонски математичари на Јуниорската балканска математичка олимпијада