Ќе има ли наскоро стрижење? Уште само две победи на Манчестер Јунајтед и Френк ќе го смени изгледот

94

Подгответе се! Популарниот навивач на Манчестер Јунајтед, Френк Илет, кој повеќе од една година не се потстрижал, сè уште го држи дадениот збор — дека ќе го стори тоа кога неговиот омилен клуб ќе оствари пет победи по ред. По денешниот натпревар, тимот е веќе на три последователни триумфи.

По победите над Сандерленд и Ливерпул, на ред падна и Брајтон — и тоа на „Театарот на соништата“. Вечерта во Манчестер беше исполнета со позитивна енергија: Матеуш Куња го отвори резултатот со својот прв гол за клубот во 24-тата минута, по прецизна асистенција на Касемиро. Само десет минути подоцна, и самиот Касемиро се запиша во листата на стрелци.

Делуваше како совршен ден за навивачите, особено кога Брајан Ембеумо по еден час игра го постигна третиот гол, по додавање на Бенџамин Шешко. Голманот на гостите, Барт Вербруген, имаше неколку одлични интервенции, но не успеа да го задржи налетот на Јунајтед.

Сепак, Брајтон не се предаде лесно — Дени Велбек во 74-тата минута намали на 3:1, а Харалампос Костулас во втората минута од судиското продолжение донесе драма и надеж за гостите.

Јунајтед повторно одговори. Само неколку минути подоцна, Ембеумо со вториот свој гол ја затвори приказната и ја потврди третата победа по ред на тимот.

Со ова темпо, Манчестер Јунајтед изгледа како тим подготвен да се бори за местата кои водат во Европа, но прашањето е колку долго ќе можат да ја задржат оваа форма.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестВадар без грешка во Супер лигата, нова сигурна победа
Следна вестЛиверпул заборави да победува – четврти пораз во серија во Премиер лигата