Ќе остане ли реформата на Царовска жилава, а наставата килава?

Полека се доближува денот кога ќе заѕвонат училишните ѕвона. За дваесетина дена ќе почне нова учебна година. Работеа ли надлежните државни институции летово за почетокот на школската година да почне многу подобро од хаосот кој го имавме до сега?

Ги растрча ли дебело платените раководители во ресорното министерство и во разните бироа за развој на образованието фактот дека на релевантното меѓународно ПИСА-тестирање македонските ученици постигнаа слаби резултати? Што со проблематичната реформа на поранешната министерка Мила Царовска? 

Летово се преразгледаат ли многуте сериозни забелешки на реформа која беше фалена само од Владата? Скоро сите релевантни институции во Македонија укажаа дека најавените промени се лоши, па дури и контрапродуктивни.

Така, на пример, Филозофскиот факултет (кој е столбот на македонското образование) предупреди дека предлогот може да предизвика големи проблеми во образованието.

-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.

Од Педагошкиот факултет во Скопје, исто така, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес, а професори од Природно-математичкиот факултет јасно и порачаа дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.

И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување за лошата реформа. 

Сепак, тогаш, надлежните не се загрижија поради сериозните забелешки и не се откажаа од концептот па тој почна да се спроведува со мали измени. Едноставно, реформата на Царовска испадна многу жилава – сега ќе се менува нешто на поарно или наставата (односно образованието) ќе си остане килава?

 

Претходна вестПожарот кај селото Фурка се уште активен, утрово го гаснат 50-тина луѓе
Следна вестЗа 6 часа казнети 214 моторџии