Ќе се намали ли бројката на министри, пратеници…., оти населението се намали за 185.834 жители?

Ќе следи ли намалување на администрацијата, на пратениците, на министрите, општинските совети… односно, на сиот оној „јавен сектор“ кој што досега беше планиран за повеќе од два милиони жители. Ако веќе се намалило населението, треба да се намалат и тие кои и „служат“ на граѓаните на Македонија

Ако сакаме Македонија да ја спасиме од банкрот треба бројот на пратеници да се намали на 90. Во администрација, полиција, образование има огромна превработеност, вели Стевче Стојановски

Губење на Куманово и Прилеп заедно… ете тоа е последицата од драстичното намалување на населението што и се случува во Македонија во текот на последниве 19 години. Тоа го покажа пописот – државата изгубила дури 185.834 жители. Односно, во земјава сега живеат 1.836.713 граѓани, додека пописот од 2002 година утврдил дека сме имаме 2.022.547 жители. Загрижувачка бројка!

Знае ли и може ли власта да преземе мерки оваа појава да се стопира? Министрите ќе помислат ли малку на нискиот стандард, малите плати, невработеноста, социјална несигурност, лошото здравство, лошите услови за живеење, немањето правда и перспектива… или повеќе ќе верглаат за нашата светла иднина во ЕУ, за…?

Додека да почекаме да помислат на тоа, има и други работи што треба да се сработат по сознанието дека во Македонија  има 1,8 милиони жители. Со оваа бројка ќе се планира идниот развој на Македонија во сите сфери каде што е потребно. На бројките од пописот ќе треба да се прилагодат плановите за постоечки и идни училишта, градинки, болници, амбуланти, јавниот транспорт, старски домови… Од големото намалување на населението би требало да произлезат и помали трошоци, како за одржување на постоечките така и за помала градба на нови јавни објекти.

И, логично би било да следи намалување на администрацијата, на пратениците, на министрите, општинските совети… односно, на сиот оној „јавен сектор“ кој што досега беше планиран за повеќе од два милиони жители. Ако веќе се намалило населението, треба да се намалат и тие кои и „служат“ на граѓаните на Македонија.

Дали на Македонија и се потребни 132.088 вработени во државна администрација, војска, полиција, здравство, образованието…? Дали се потребни 120 пратеници коишто примаат големи плати, дали се потребни толку многу општински советници?

 – Ако сакаме Македонија да ја спасиме од банкрот треба бројот на пратеници да се намали на 90. Во администрација, полиција, образование има огромна превработеност. Имаме најмногу полицајци во Европа по број на жители, а не дај боже да имаме некоја потреба да бараме услуга од администрацијата. Ако немаш пријател тогаш треба да се молиме на Бога да сретнеме некој од ретките совесни вработени, вели Стевче Стојановски.

Слично мисли и Мирјана Манојлова која смета дека треба да има двојно намалување.

-Споредбено со другите слични држави мислам дека бројот на пратеници, на министри треба да се сведе на минимум. Односно, да имаме само 60 пратеници, а во јавниот сектор да се 60 илјади вработени. Но, во се е најбитна чесност, смета Манојлова.

Дали ќе се случи намалувањето, останува да се види. Надлежните до и по пописот упорно тврдат дека неговите податоци ќе се користат за подобро планирање на развојот на Македонија.

Има премногу министерства, јавни претпријатија…

Има премногу министерства во Македонија. Најмалку 3 -4 треба да отпаднат. Има премногу јавни претпријатија, разни агенции и слично. Сите тие имаат раководни кадри со шофери и секретарки, па дури и советници. Многу управни одбори, па надзорни… Се тоа треба да се намали. Може да уследи и намалување на бројот на советниците по општините, премногу ги има, а општините се намалија со жители.

Претходна вестМОН: Не смее да има прекин во работата на основните и средните училишта
Следна вестНедостасува во Скопје мала прераспределба на спомениците и поставување на современи скулптури и објекти