Ќе се полага матура, Државниот испитен центар го прекина штрајкот

Синдикатот на Државниот испитен центар го прекина штрајкот. Како причина се наведува сомнежот дека доколку државната матура се спроведе насилно може да се доведе во прашање валидноста на тестовите. Исто така, велат дека одлуката ја донеле по изјавата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека на 27 мај треба да има државен испит.

-Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обидот да воведе странци во процесот на државната матура, процес со висок степен на тајност, ќе ја доведат во прашање валидноста на тестот и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар како стручњаци во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност решија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина, велат од Синдикатот на Државниот испитен центар.

Претходно, министерот Шаќири рече дека доколку има потреба ќе се испратат кадри од Министерството за образование во Државниот испитен центар. Нагласи дека исто како и штрајкот и правото на образование е загарантирано со Устав.

-Од почетокот на штрајкот мојот став е дека не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси со одредени барања. Според информациите што ги имам, се прават сите подготовки за полагање на државната матура на 27 мај. Доколку има потреба ќе ангажираме и членови од Министерството за образование кои од понеделник ќе отидат во Државниот испитен центар за извршување на работните обврски, вели Шаќири.

Тринеделниот штрајк на Синдикатот во Државниот испитен центар држеше во неизвесност 15.620 матуранти кои веќе се пријавија за полагање на 27 мај и 10 јуни.

Претходна вестФФМ ги одреди стадионите домаќини за сите финалиња во Купот
Следна вестЗалутано зрно од огнено оружје оштетило прозорец од стан во Чаир