Ќе треба ли Ковачевски да измисли уште 3-4 нови министерства за да има и за новиот партнер во Владата?

Власта сака поголемо мнозинство во парламентот, затоа сака и нова партија да им се приклучи. СДСМ и ДУИ често немаат кворум во собранието, а и на партијата на Али Ахмети и се појавија внатрешни „бунџии“ кои може да направат нестабилност за некои министри од оваа партија. И така, почнаа срамежливи преговори околу влезот на Алијансата за Албанците во Владата…

Те околу тоа се расправа во владината коалиција, те во партиските тела на Алијансата, те се прават консултации со странски амбасадори… Да, Македонија има „триста“ проблеми ама ете енергијата се троши на решавање на стабилноста на СДСМ и ДУИ. Дали за тоа цена најмногу ќе платат граѓаните?

Од она што може да се види изгледа проблем во Владата е во отстапувањето на некој од ресорите во владините министерства на новиот коалициски партнер. Во јавноста првин се објавија информациите дека АА треба да ги добие ресорите за здравство и за правда, но потоа уследија и други реакции и барања. Ама во владината коалиција се појави отпор.

Од Алтернатива која е во Владата сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците, оценувајќи дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.

Од Демократскиот сојуз изјавија дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Амадманот 6 од Уставот.

– Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места, изјави Павле Трајанов.

И така премиерот Ковачевски е во небрано. Да, тој убедува дека нема да се промени бројот на министрите коишто доаѓаат од албанскиот блок, ама се уште ништо не е извесно. Може ли да се очекува ДУИ да се откаже од свои министри или пак да се очекува СДСМ пак да поднесе „жртва“ за доброто на сите нас?

Владиниот состав кој брои 21 министер како да е мал колач од кој треба сите да се заблажат. Да се надеваме дека проблемот нема да се решава без „жртви“ туку со набрзинка правење на уште 3-4 нови министерства, 3-4 нови претпријатија со „големи“ директорски места…

Ама чекај, што со реформата на обемната администрација, нели таа ќе се крати? Е, за тоа ќе се мисли кога Владата ќе биде стабилна.

Претходна вестСДСМ: Мицкоски е неуспешен ученик на Груевски и заложник на Апасиев
Следна вестУапсен крадец, украл пари од вработена во болница