Клековски: Злоупотреби има во цело јавно здравство, ги прибираме доказите

Во сите контроли што ги правиме во јавно-здравствени установи има злоупотреби, изјави денеска Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

На прес-конференција после посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Фондот, Клековски кажа дека 109 јавно-здравствени установи на 30 јуни имаа долг од 5 милијарди денари, а со ребалансот на буџетот и со сопствени зашетеди од Фондот, долгот денес е намален на 3 милијарди денари. Една третина од 109 установи имаат целосно расчистен долг, тоа се главно здравствените домови низ Македонија, а кај повеќето отстранета е опасноста од блокади.

-Само во првата половина на 2024 имаше зголемување од 1 милијарда денари, од 4 се зголеми на 5 милијарди и тоа ниво на долг одприлика 81 милион евра можеше да го загрози редовното работење на установите, а во некои веќе доведе и до блокирање на сметките и на работата, рече Клековски.

Тој рече дека долговите се должат на недомаќинско и незаконско работење.

-Не е само несовесното и недомаќинско, туку и незаконско работење во скоро сите контроли досега ги имаме направено. Како ќе завршуваат контролите, така ќе ги доставиме до МВР и до Финансиска полиција за тие да го разгледаат од кривично-правен аспект. Ние сме тука да ги обезбедиме сите потребни докази, кажа директорот.

Најголеми злоупотреби  во јавните здравствени установи се правеле со не плаќање редовно сметки кон добавувачи за лекови, а од друга страна, медицински и економски директори си ги зголемувале платите со додадени дежурства. Најголеми должници се Клиниките за Онкологија, Торакална и Гинекологија.

Болниците и клиниките успеале од почетокот на годината до јуни, долгот  од 65 милиони да го зголемат на 81 милиони евра.

Премиерот Мицкоски, пак, како врвен приоритет на Владата го посочи здравјето на граѓаните и рече дека Владата изготвува план за во текот на следната фискална година овој долг да биде намален уште повеќе.

-Правиме план како Влада да во периодот што следи, можеби ете да речеме во текот на следната фискална година, уште повеќе да го намалиме тој долг. А очекуваме и со домаќинско, вредно, посветено работење на новиот менаџмент во болниците и во здравствените установи низ државата дел од тие долгови да бидат и по тој пат вратени назад. Јас можам да кажам дека како Влада врвен приоритет ни е здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.

Претходна вестМицкоски за одвојувањето на Албанија и Македонија: Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава, само се изживуваат со нас.
Следна вестГрадот Скопје ќе дава субвенции до 4.000 денари за купување велосипеди, објавен јавен повик