Клинички центар има нови улици и клупи, ама кога ли ќе ги добие новите згради?!

Министерот за здравство се пофали дека завршил со поставувањето на урбана опрема во Клинички центар. Дури, вели дека сега дворот на скопските клиники е со современа инфраструктура бидејќи претходно беа реконструирани уличките во внатрешноста.

Ова е секако убава вест, бидејќи претходно и апсолутно здрав ќе се разболеше по тие распаднати улички, а не дај Боже, да се најдете во ситуација повреден да ве трансферираат во количка или болнички кревет од една до друга клиника.

Најверојатно овој проблем е намален. Но клучното прашање е зошто работите се одвиваа во овој правец, кога впрочем требаше да се гради нов Клинички центар?! Зошто се реновира инфраструктурно стариот, односно се вложува во него, кога требаше да се прави нов, на друга локација? Одговорот на ова прашање се уште не е јасен, оти надлежните и натаму само го најавуваат новиот. А кога ќе биде готов, веројатно ќе почекаме да ни кажат во некоја следна најава.

Последната најава беше лани во август. Тогаш министерство за здравство го распиша тендерот за изградба на комплексот на објекти кои ќе се наоѓаат во општината Ѓорче Петров во близината на обиколницата. Беше нагласено дека сето тоа ќе се гради на грин-филд локација, по модел „клуч на рака“. Но новиот Клинички никогаш не се случи.Дали инфраструктурното средување значи дека новиот останува само уште едно ветување?

Претходна вестСонце со малку облаци, понекаде и дожд
Следна вестБугарија воведе привремена забрана за влез на сите лица од Македонија