Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира дека при вчерашниот избор на нови судии во Апелацискиот суд Скопје, Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно облазложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.
Наместо ова, посочуваат оттаму, Советот само констатира дека поради пропусти во методологијата за рангирање на кандидатите, „пресудни ќе бидат други параметри и критериуми“, без да наведе кои критериуми и врз основа на кој пропис.
-Коалицијата неколку пати до сега реагирала на тоа што Судскиот совет отстапува од воспоставената ранг-листа на кандидати за судија во повисок суд, без притоа да даде какви било појаснувања за отстапувањето. Во таа насока, Советот е исто така постојано критикуван од страна на граѓанскиот сектор за отсуството на образложенија на гласовите дадени против некој кандидат, како и за општите, генерички и апстрактни образложенија дадени на одлуките за избор, кои практично се повторуваат за сите кандидати, се вели во соопштението на коалицијата.
Додаваат дека според последните истражувања, 73 отсто од судиите посочиле дека не веруваат оти изборот на судии во повисок суд се врши врз основа на објективни критериуми, а сето тоа, велат од коалицијата, наведува на заклучокот дека Судскиот совет мора итно да направи промени на оваа практика, доколку има волја и капацитет.
Судскиот совет на вчерашната седница го екипира Апелацискиот суд Скопје со вкупно осум нови судии – по четворица од кривичната и граѓанската област. Ова е прв избор за второстепен суд спроведен врз основа на методологијата изработена согласно новиот Закон за Судски совет. На огласот за осумте позиции во Апелација имало вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четири судии за граѓанска област и 24 кандидати за четири судии од кривична област.