Коалициските партнери на СДСМ уште ли ја чекаат средбата по интервјуто на Заев?

Што се случува во коалицијата на СДСМ по контроверзното интервју на Зоран Заев? Се слегнаа ли работите, нели требаше да имаат состанок кој го побараа од ЛДП?

Предупредувања да не го загрозува македонскиот национален идентитет и јазик, барања за средби на кои треба да се објаснат ставовите од интервјуто за бугарската агенција „Бгнес“, но и ставови дека се работи за „национално и ментално самоубиство“ доби деновове премиерот Зоран Заев од своите коалициски партнери и нивни поранешни раководители. Партиите кои се партнери на СДСМ не го криеа своето изненадување од шокантните ставови кои Заев ги искажа во интервјуто и бараат по никоја цена да не се дозволи попуштање под уцените кои доаѓаат од Бугарија.

Партијата чиј лидер е Павле Трајанов, Демократски сојуз денеска соопшти дека не смее да се направи грешка „која ќе ја платиме со губење на државата“. Ова партија му препорачува на преговарачкиот тим на Македонија јасно, гласно и недвосмислено да му соопшти на бугарскиот државен врв, дека македонскиот народ е посебен и дека живее и опстојува на овие простори со векови, дека македонскиот јазик е автентичен, како и дека во Бугарија живеат Македонци (национално малцинство).

-Демократскиот сојуз повикува на претпазливост за било какви нови договори или „патокази“ кои на било каков начин долгорочно ќе го доведат во прашање македонскиот идентитет. Да не се направи грешка која ќе ја платиме со губење на државата, затоа што нема држава без народ, јазик, територија и суверено владеење, се наведува во соопштението.

Деновиве Либерално-демократска партија побара средба со коалициските партнери за да се разговара за ЕУ-перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот Заев.

-Инсистираме на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура. ЛДП го осудува говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација, заклучил Извршниот одбор на ЛДП.

Осуда на ставовите на Заев искажа и поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска. Таа на својот профил на Фејсбук напиша дека неприфатливи се такви изјави од македонски политичари за сериозни прашања.

-Ужас до болка. Ако на ЕУ ѝ треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ, каква што ја почитуваме и посакуваме, престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова!, напиша Поповска.

Како СДСМ објаснува на коалиционите партнери околу настапот на Заев, за кој рекоа и дека е став на партијата, за сега не е познато.

Познато е само тоа дека јавно позади Заев застана само коалициониот партнер ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски.

Претходна вестНе се плашат од полицијата, па многумина возат без возачка низ Скопје…
Следна вестПо 18 години го напушта МВР: Ми нанесоа неправди, тој систем повеќе не можам да го поднесам