Кочо Рацин на денешен ден во 1939 година: Денови ли се – денови аргатски маки големи!

Збирката песни „Бели Мугри“ е едно од најзначајните дела на македонската поезија. Ова дело на нашиот голем поет и револуционер Кочо Рацин излегло од печат токму на днешен ден, во далечната 1939 година.

Печатењето се случило во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб. Збирката е извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Во неа на прекрасен стил се отсликани болките и страдањата на македонскиот работник кој бил силно експлоатиран. Пренесен е и револуционерен дух кој тлеел и кај авторот и во населенито.

Стихозбирката била испечатена во 4.000 примероци и се делела по цела тогашна Југославија, но и во Пиринска Македонија која е дел од Бугарија. „Бели Мугри“ е меѓу првите стихозбирки објавени на македонски јазик. Со тоа оваа збирка на песни уште еднаш ги потврдила можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван од многу страни.

„Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори.

Ви пренесуваме една од песните:

Денови

Како на вратот гердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале.

Денови ли се – денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
Дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

За потсетување: Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин е роден во Велес во 1908 година, а загинува кај Лопушник во 1943 година. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата и книжевната критика.

 

Претходна вест„Случајот Макавеев“ и „Чекајќи го Хандке“ премиерно вечерва во Кинотека на Македонија
Следна вестБугарски обвинител: Немало експлозија и туби со гориво во автобусот, патниците били живи во моментот на пожарот