Кога ќе дојдат доволно вакцини за да имаме вистинско масовно вакцинирање?

Конечно утре во Скопје почнува вакцинирање на малку посериозен број на граѓани против Ковид-19. Вакцинирањето ќе се одвива со руската вакцина „Спутник В“ и тоа на пунктови во салата „Борис Трајковски“ во Карпош. Соопштено е дека се закажани термини за 3000 граѓани.

Според планот во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица кои работат во МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките…  Предвидено е вакцинацијата со 20 000 руски вакцини што ни ги донираше Србија, да се одвива на 48 пункта.

За спроведување на најавеното ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

Министерот Венко Филипче очекува дека на почеток во просек околу 4000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ Македонија, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.

За да се оствари тој амбициозен план пред се е важно Македонија да има вакцини. Но до каде се властите со набавките на вакцините? Надлежните велат – ќе пристигнеле овој месец…

– Со доаѓањето нови и поголеми количини вакцини овој месец, ќе се намалува се повеќе старосна граница, изјави Филипче, кој е задоволен од досегашниот тек на процесот на вакцинација низ пунктовите во земјава. До петокот беа вакцинирани 1300 граѓани.

Ќе пристигнат ли поголемите количини овој месец ќе видиме. Дури откако ќе бидат во фружидерите во Македонија – ќе има вистинско масовно вакцинирање. Ова што утре ќе почне не е баш такво иако властите го нарекуваат – масовно.

Претходна вестСекој втора казна за пребрзо возење по скопски улици
Следна вестЗаев и Мицкоски имаат уште теми за договарање, што чекаат?