Кога МВР ќе ги послуша граѓаните и ќе ги врати полицајците-позорникари насекаде?

Скопје, но и другите градови низ Македонија се сведоци на многу кражби по станови, куќи, обиени возила, украдени велосипеди од влезови, вандализам на детски игралишта, физички пресметки… Што презема МВР за сето ова да се намали?

Граѓаните стравуваат за сигурноста на домот, за сигурноста кога тие и нивните деца ќе излезат надвор, посебно во ноќните часови. Лани, на пример, и тоа во екот на пандемијата со корона вирусот, само во периодот од јануари до јули имало дури 6.630 кражби и тешки кражби во Македонија, за 600 повеќе него во истиот период преклани.

 Граѓаните укажуваа дека концептот на МВР кој подразбира полициско комбе да помине еднаш-двапати во текот на една недела или да доаѓа откако веќе ќе се случи кражба и иницидент е недоволен и треба да се надополни. Населението бара она што го имаше и порано – враќање на полицајци –позориникари по населбите. Униформирани лица да се често по маалата и да се препознатливи за жителите.

Да, МВР за тоа почна да размислува од пред повеќе години, но сето тоа како да оди преспоро. Во неколку македонски градови како Штип, Битола, Куманово, во изминативе години почнаа да патролираат позорникари, но што е со другите места?Дури вчера во скопската општина Центар, која предничи по бројот на кражби во маалата ќе се вратат полицајци-позорникари. Имаше одамна и многубројни барања за тоа. Но, што е со останатите општини?

 Не само во Центар туку секаде, во секое населено место, за да се сопре овој башибозук и намерно уништување и кршење на редот, мирот, спокојот, хармонијата…

-Фала Богу, после триесет години на некој му текна дека мора да има маалски и улични полицајци…

-Така треба, не треба да се измуслува топла вода… беа само дел од коментарите кои граѓаните ги оставија на оваа тема на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

Значи, граѓаните го поддржуваат и имаат доверба во ваквиот концепт. Дел од скопјани бараат добро да се провери и кој се станал полицаец, но велат дека тоа треба да се прави постепено – сега е важно да се воведе стариот систем – полицаец позорникар.

Зошто МВР поодлучно не влегува и не го воведува концептот по повеќе скопски наслеби, по повеќе македонски градови? Концептот не е непознат, македонска полиција, посебно постариот кадар знае како тој треба да се применува, а за него не се потребни поголеми инвестиции. Министерот за внатрешни работи, но и статистичките податоци повеќе пати укажуваа дека МВР на терен има малку полицајци оти тој кадар им е „дефицитарен“, ги немаат доволно како вработени. Тоа делува малку чудно кога податоците лани покажаа дека на платниот список на МВР има вкупно 11.948 вработени. Тоа вооошто не е малку и прашањето е дали се водело доволно сметка при вработувањата да има повеќе полицајци отколку секретарки, советници, помошници, аналитичари… 

Претходна вестКимет Фетаху: Нема никаков проблем, јас како Македонец да бидам претседател на Албанија
Следна вестНасилник избоде четири лица во Норвешка