Кога на ред за уривање ќе дојдат ланските 153 дивоградби на скопското подрачје?

Големата бетонска дивоградба кај трговскиот центар „Мавровка“ не е единствен нелегален објект кој во изминатиов период нелегално се изградил на подрачјето на градот. Вчера излезе и податок од државниот Завод за статистика со кој само лани, во 2019 година, на подрачјето на градот Скопје биле евидентирани вкупно 153 дивоградби. По општини тоа изгледа вака: во Чаир – 45, Ѓорче Петров – 39, Бутел – 37, Кисела Вода – 22 и Шуто Оризари – 10.

Ако во Чаир неуривањето се правдало со тоа што не им се јавила ниту една фирма на објавените тендери за уривање на дивоградбите, интересно би било да се слушне од другите општини што е причината што кај нив се направени и се уште стојат дивоградбите?

Излегува дека општините ваквата своја надлежност не ја спроведуваат – ниту инспекциите не запнуваат многу да ги попречат дивите градби, ниту се врши уривање. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера побара надлежностите околу дивоградбите од општините да се префрлат на градот Скопје. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, ги повика општините да си ја вршат таа своја надлежност.

И така, ќе си броиме дивоградби и еве ќе гледаме во живо на медиумите како една се руши…

Претходна вестДа, за онлајн парламент, но само ако гласањето е безбедно и сигурно
Следна вестМора ли да се цртаат зградурини во ДУП-овите во Скопје?