Кои споменици ќе се трампаат со Атина, а на кои ќе се ставаат плочки во Скопје?

Се чека крај на претседателската трка и по се изгледа веднаш на нишан ќе бидат спомениците во Скопје. Кои обележја од македонскиот главен град ќе се трампаат со Атина? Премиерот Заев кажа дека имало таква иницијатива, затоа и прашањето е се почесто поставувано меѓу скопјани.
„Мостот на цивилизациите е посветен на цивилизациите кои живееле на оваа територија, а скулптурите претставуваат значајни личности од македонската и од светската историја…“, ова е натпис на плочата која стои на почетокот на новиот мост во центарот на градот. Таа го означува почетокот на низа скулптури меѓу кои се и оние на Архелај (крал, 413-399 п.н.е.), крал Филип 5 (221-179 п.н.е), крал Персеј (179-168 п.н.е.)… Ова се личности кои се само дел од скулптурите од античкиот период поставени на разни локации во градот и кои можеби власта ќе одлучи да ги размени или пак да им се ставаат нови назнаки (плочки) за тоа на чија историја и припаѓаат. Од договорот Ципрас – Заев, произлегува дека сето она што претставува античката цивилизација и припаѓа на Грција.
– Плочки на нивните велелепни домови да си ставаат и да напишат дека се од едно време кога многу се крадеше и уништуваше во Македонија, ни коментира Јосиф од Г. Баба.
Од владини кругови непосредно по потпишувањето на спогодбата со Грција најавија дека „Воинот на коњ“ ќе биде преименуван во Александар Македонски и означен како „дел од хеленскиот антички период и како светско културно наследство“. Но, сега прашање е дали овој, но и другите споменици ќе добијат такви ознаки или, пак, ќе станат предмети на размена со Грција. Таква можност веќе е отворена и ја потврди премиерот Зоран Заев во неодамнешна изјава
– Има иницијативи за институционална размена на споменици, како размена на подароци меѓу две пријателски земји, призна тој.
Ова потврда доаѓа само кусо време откако Владата првично категорично негираше дека имало иницијатива за размена на споменици. Таква вест, за можна размена на споменикот на Александар Македонски во Скопје за скулптурата „Тркач“ од Атина, неодамна ја објавија грчките медиуми. Но, во владиното соопштение тоа се демантираше со тврдење дека таква иницијатива нема. Сега, премиерот признава дека иницијатива сепак има. Кој е тој што ќе одлучува кои споменици се за размена?
Инаку, ваквите идеи и најави не наидуваат на одобрување кај скопјани.
– Би било огромен срам за Македонија и голем грев некој да помисли на дислоцирање на споменикот на Александар Македонски или размена со некаков друг од Грција. Тој секако ја претставува нашата дамнешна историја што им е јасно и на туристи од Кина до Америка што дошле во Скопје. Признат факт од светската научна јавност е дека кралот Александар бил на овие простори. Не можам да помислам дека некои луѓе можат да помислат дека исчезнале сите што живееле во тоа време на овие простори и дека сите сме дојденци, смета Дарко Мишовски.
И за Ѓурѓа Трајчевска вакво нешто е неприфатливо.
– Воопшто не се согласувам на нашите споменици да се ставаат некакви плочки. Не се согласувам ниту со тоа да се разменуваат спомениците. Тоа е апсурдно и е надвор од здравиот разум, ни рече Трајчевска.
Граѓаните го кажуваат своето, но прашање е што понатаму ќе се случува со спомениците и скулптурите бидејќи опциите кај Власта речиси секојдневно се менуваат.

Плочки и за граѓаните
И граѓанинот Ване Крстев смета дека е неприфатливо обележување на спомениците.
– И нас да не одбележат, да ни стават некој број и да сме народ без историја и без иднина, потенцира Крстев.

Односите ги прават луѓето, а не спомениците
За Александар Ристевски идејата за некаква размена на споменици е целосно неприфатлива.
– Што би симболизирал „Тркачот“ кај нас? Споменикот на Александар во Атина, прво самите атињани не би го прифатиле. Освен ова, нашиот споменик не е само споменик туку архитектонска целина со фонтана. Зошто е проблем да си остане каде што е? Двата споменици се целина и било какво поместување повеќе ќе нанесе штета и на односите и на гордоста на самите Македонци. Односите со Грција ги прават луѓето, а не спомениците и обележјата. Ајде за почеток да се почитуваме. Да прифатат дека нашата самоидентификација е Македонска, и тоа е тоа, потенцира тој.